Италија призна тројца законски родители на 4-годишно дете во историска судска одлука

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еден суд во Италија донел историска одлука со која на 4-годишно дете му се признаваат три законски родители — двајца татковци и една мајка, што предизвика остри реакции кај конзервативните католички кругови.

Одлуката била објавена од неколку италијански медиуми и потврдена од адвокатот Паска Манфреди, кој застапува еден од татковците на детето.

Детето е родено во Германија и живее таму со двајца мажи во брак. Едниот од нив е биолошкиот родител, додека детето е зачнато со помош на жена која е пријателка на парот.

Вториот татко, кој има италијанско-германско државјанство, подоцна го посвоил детето според германскиот закон, но побарал тоа посвојување да биде признаено и во Италија.

Локален орган првично го одбил барањето, со сомнеж дека детето можеби е родено преку сурогат-мајчинство во странство — практика што италијанската конзервативна влада ја криминализира.

Сепак, Апелацискиот суд во јужниот град Бари ја поништил таа одлука, утврдувајќи дека не постоел договор за сурогат-мајчинство.

Според судската одлука, која е конечна, Италија сега, како и Германија, правно го признава детето со двајца татковци и една мајка.

„Не постоеше таен договор за сурогат-мајчинство. Ова е случај во кој три лица сакаат да бидат родители на детето и судот тоа го призна“, изјавил Манфреди за Ројтерс.

Одлуката е донесена уште во јануари, но е објавена токму во период кога Италија ја одбележува 10-годишнината од легализацијата на истополовите партнерства.

Католичката организација Pro Vita & Famiglia ја осуди одлуката, тврдејќи дека правното признавање на истополови заедници го „превртело семејното право“ и ги изложува малолетниците на „социјални и идеолошки експерименти“.