Италијанскиот претседател во посета на Македонија – Матарела: Доцнењето на преговорите не е воопшто разумно

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Средбата меѓу Претседателот Стево Пендаровски и неговиот италијански колега, Серџо Матарела, почна со една минута молк поради смртта на кралицата Елизабета II.


Фокус на средбата беше патот на Северна Македонија кон ЕУ, како и енергетската криза во светот. Пендаровски рече дека Брисел не треба да се сеќава на Западен Балкан само кога имаме големи проблеми, туку да се фокусира што побрзо да чекориме кон ЕУ.

Италијанскиот Претседател, пак, Серџо Матарела, изрази безрезервна поддршка за Македонија и нејзиното членство во европското семејство и рече дека доцнењето на ЕУ за старт на преговорите воопшто не е разумно.

-Би сакал да подвлечам дека и покрај тоа што е со задоцнување, не беше разумно ова доцнење, одлуката да се започнат преговорите за Северна Македонија за влез во ЕУ, сепак го наградуваат напорот што европската заедница го направи за Северна Македонија. ЕУ е нашата заедничка иднина, тоа е нашето убедување кое што го кажуваме на сите места, бидејќи без влезот на земјите од Западен Балкан во ЕУ, ЕУ нема да биде целосна, рече италијанскиот претседател, Серџо Матарела.   

Како сојузници во НАТО, Пендаровски рече дека со италијанскиот колега, Матарела размениле мислења и информации за војната во Украина и го реафирмирале повикот за итен прекин на руската агресија врз суверена држава. Матарела, исто така се сретна и со претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски.