Италијанците збунети од реставрацијата на мозаикот со бик во Милано

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Италијанците реагираа со збунетост на реставрацијата на познатиот мозаик со бик во Милано, при што некои се прашуваат што се случило со тестисите на животното, кои се сметаат за симбол на среќа.

Работите за поправка на малата вдлабнатина што настанала бидејќи туристите со години ги вртеле петиците врз интимниот дел на бикот започнаа минатата недела. Локалниот советник Марко Гренели изјави за време на викендот дека мозаикот бил „целосно обновен“.

Пред и по реставрацијата - фото генерирано со ВИ од бесплатно достапни фотографии

Ова предизвика бројни реакции на интернет, при што корисниците коментираа дека тестисите на бикот исчезнале. Некои на шега напишаа дека изгледа како животното да било „кастрирано“.

Во своја одбрана, градските власти на Милано соопштија дека проектот во историската аркада Galleria Vittorio Emanuele II од 19 век сè уште не е завршен.

Бежово-синиот мозаик со разигран бик, опкружен со грб, го претставува градот Турин, кој бил првата престолнина на Италија.

Мозаикот е особено популарен меѓу туристите поради традицијата според која луѓето трипати ја вртат петицата во насока на стрелките на часовникот врз тестисите на бикот.

Според легендата, овој обичај носи среќа и гарантира повторна посета на градот за оние што ќе го практикуваат. Но, токму ова довело до создавање на мала вдлабнатина на тоа место.

За време на реставрацијата беше поставена заштитна ограда, додека мајсторот-реставратор Џанлука Гали клечеше пред мозаикот и рачно сечеше нови камени парчиња.

Објавата на советникот Гранели на социјалните мрежи беше исмејувана од дел од корисниците.

„Што се случи со тестисите?“, праша еден корисник, додека друг напиша: „Нешто недостасува“.

Градскиот совет на Милано соопшти дека работите сè уште не се целосно завршени и дека делови од мозаикот остануваат покриени за да се стабилизираат боите на новите плочки.

Оттаму нагласија дека не станува збор за „исчезнување“ на тестисите на бикот и дека розовиот мермер употребен во реставрацијата е најблиску до оригиналниот изглед на делото.

Советот додаде дека при претходната реставрација во 2017 година бил користен потемен мермер.

Главниот реставратор Гали во изјава за „Кориере де ла сера“ рече дека работата сè уште не е завршена и додаде дека досега не добил никакви приговори за својата работа, која се изведува под „будното око“ на градските власти.