Опозициската СДСМ бара Владата веднаш да ги обесштети земјоделците по штетите претрпени од невремето. Од партијата велат дека илјадници декари пластеници, посеви, како и механизација се уништени не само во Струмица туку и во другите градови. Воедно повикуваат да се подготви долгорочна стратегија за адаптација на земјоделството кон климатските промени.
„Земјоделците повторно се оставени сами. Вообичаено за ВМРО локалната власт и ресорниот министер за земјоделство доцнат со реакциите. Допрва ќе прават проценки. Го слушаме денеска министерот за земјоделство, вели ќе ја следел состојбата, земјоделците имаат мака, нема време за чекање, потребна им е итна помош. Бараме Владата да одржи вонредна седница и да донесе итна одлука за обесштетување и финансиска помош за земјоделците“, вели Тања Илијоска.
Премиерот Мицкоски вети дека Владата ќе исплати обесштетување на сите граѓани и им порача да ја пријават настанатата штета во општинските комисии.
„Општините и институциите под општините формираат комисии, граѓаните кои што имаат штета треба да ја пријават таа штета кај комисиите, тие ќе направат проценка и веднаш во Комитетот за проценка на штетите ќе ги достават до Владата а ние согласно закон и пракса ќе интервенираме и ќе ги обесштетиме тие кои што ќе пријават штета. Така што еве, апелирам до граѓаните, оние кои што имаат претрпено штета да ги пријават тие штети“, вели Христијан Мицкоски
Комисии ќе се формираат и во скопските општини каде граѓаните ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од невремето. Во координација со Град Скопје ќе се врши стручна проценка на пријавените штети, по што ќе започне постапка за поддршка на граѓаните при санацијата на оштетувањата на објектите.
