Избегната кризата во Уставниот суд – не е избран наследник на Кацарска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фотелјата на Добрила Кацарска останува празна. Пропаднаа и денешните обиди да се избере претседател на Уставниот суд, па остана неизвесно како ќе функционира Судот, бидејќи не е предвидена позиција в.д. претседател, а мандатот на Кацарска и истече вчера. Сепак, најверојатно ќе се избегне кризата со управувањето на Судот. Оттаму соопштија дека судиите решиле во меѓувреме да одлучуваат колективно.

„Со оглед дека се уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно“, велат од Уставен суд

Денеска заврши и осмиот круг гласање за избор на претседател на Уставниот суд. Утринава од трката се повлече судијката Ана Павловска Данева, па единствен кандидат остана Тања Васиќ Бозаџиева.

„Со цел да не се доведе државата во уставна криза, се повлеков и побарав судот да гласа согласно принципот на меритократија, односно исклучиво согласно професионалните квалификации и менаџерските капацитети на кандидатите. Судијката Васиќ остана единствен кандидат“, посочи Ана Павловска Данева.

Сепак, на тајното гласање, Васиќ Бозаџиева не успеа да добие поддршка од барем шест нејзини колеги во Уставниот суд, кој инаку брои девет членови. Гласањето продолжи веднаш. На пладневното гласање единствен кандидат бил судијата Осман Кадриу. И неговиот избор пропадна, бидејќи не ги добил потребните шест гласови, туку пет.

Преостанува да побараат поддршка од колегите и Насер Ајдари, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Елизабета Дуковска и Јадранка Дабовиќ Анастасовска. Гласањето за нов претседател на Судот започна кон средината на минатата недела, кога се бираше меѓу Павловска Данева и Васиќ Бозаџиева. Меѓутоа, деветтемина судии не успеаја со двотретинско мнозинство да застанат зад една кандидатура. Засега нема официјална најава кога гласањето ќе продолжи.

Инаку, од Уставниот суд соопштија и дека, до изборот на нов претседател, тие работат непречено по добиените предмети.