Трката за нов гувернер на Народната банка влегува во својот фотофиниш. Мандатот на актуелната Гувернерка истекува на 20 мај, со што на 21 ќе треба да се има нов гувернер. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до петок ќе завршат консултациите со претседателката на државава Гордана Силјановска Давкова и ќе се знае кој ќе биде предлог за прв човек на најважната монетарна институција која според Закон се грижи инфлацијата да не биде висока и ја штити вредноста на нашата валута, денарот.
„Па веќе имавме разговори со претседателката, во понеделникот на оваа тема. Тие разговори очекувам да ги продолжиме до крајот на неделата ќе биде јасна позицијата. Очекувам во понеделник да биде информирано Собранието, на 20 – ти има седница, разговарав и со Претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред на 20 – ти, така што рокот ќе биде испочитуван“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во јавноста се споменуваат неколку сериозни кандидати за функцијата Гувернер/Гувернерка.
Според информациите главен фаворит на ВМРО ДПМНЕ е Зоран Ставревски, а веднаш зад него е Трајко Славески. Но, сериозен кандидат кој се наметнува е и актуелната гувернерка Ангеловска – Бежоска. Може да изнадат и кандидатите од сенка, а тоа е поранешната вицегувернерка Маја Кадиевска Војновиќ и економскиот професор Борче Треновски.
Сепак, кој ќе биде кандидат, на крај своја согласност ќе мора да даде и претседателката на државава која до Собранието го дава предлогот за оваа функција. Премиерот Мицкоски вели дека секој од кандидатите ако ја сакаат поддршката на Владата и на владејачките партии ќе мора да се залагаат за фиксен курс на денарот, а не за флуктуирачки или за слободно формирање во однос на еврото.
„Сите кандидати кои што се разгледуваат се вонсериски, искусни и кандидати кој што убеден сум дека ќе ја одржат макроекономската стабилност на Македонија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во случај да не се запази рокот за избор на нов гувернер до 21 мај, актуелната Гувернерка продолжува во потполност да ја извршува својата функција се до избор на нејзин наследник или до нејзин реизбор.
