Избор на новиот владин кабинет – Мицкоски: Реконструкцијата носи нова енергија и поголема одговорност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од Јетон Шасивари очекувам правосуден систем во кој правдата нема да биде привилегија, од Агон Ферати  да го насочи во уште посилна кохезија и доверба во односите меѓу заедниците,  Борче Серафимовски има обврска да ја продолжи политиката на силна поддршка на земјоделците, Сашо Клековски очекувам со нова енергија да ги продолжи реформите во здравството…. Со овие пораки кон новите министри искажани во експозето премиерот Мицкоски ги претстави идните кадри во владиниот кабинет за кој рече дека реконструкцијата на Владата носи нова енергија, и уште поголема одговорност. 

„Денес не барам од вас доверба за поединци. Не барам доверба ниту за една политичка партија. Барам доверба за продолжување на еден процес. Процес во кој државата повторно се исправи на нозе, во кој ги обновивме темелите во кој покажавме дека повторно може да градиме да создаваме и да победуваме. Убеден сум дека најдобрите години не се зад нас, туку се пред нас. Но тие нема да дојдат сами“, порача Христијан Мицкоски.

Од ВЛЕН со пофални зборови говореа за Седат Сулејмани идниот министер за култура.

„Со неговиот ангажман како заменик министер беше постигнато историско решение за ансамблот на албански песни и ора.  Ансамблот беше комплетиран со 45 трајни работни места, освен што 45 уметници добија заслужена сигурност и институционална заштита беше консолидирана и зајакната една цела културна институција која со децении постоеше само како проект на хартија“, вели Калтрина Беќири.

Но од опозицијата со низа критики за предложениот состав.

„Дајте им на луѓето спектакл , забава и неколку краткорочни придобивки за да не се занимаваат со вистинските проблеми и со лагите што се обидувате да им ги продадете. Уште од времето на Римската империја метафората „леб и игри“ претставува симбол на начинот на кој власта ја обезбедува поддршката од народот“, рече Халил Снопче.

„Денес не се менуваат министрите, туку се става печат на еден политички експеримент, кој на Албанците му се претстави како револуција, но му донесе тешко разочарување. Му покажа нешто добро но му понуди тишина и му донесе само маркетинг и тоа политички маркетинг. И овој експеримент се вика ВЛЕН“, порача Илир Хасани.

„Вие одлучивте еден отсто да ги води сите општини во смисла на менаџирање на општините кои што се за рамномерен развој  на општините. Можеби е дојдено времето вие наместо да направите разрешување и избор на министрите, дали требаше да направите на вашето место да биде именуван некој министер за премиер Албанец“, вели Илире Даути.

„Наративот  на Владата е дека овој процес се темели на два постулати. Под број еден, промена на приоритетите и под број два кадровско освежување. Уште едно клучно прашање, дали овие кадровски промени се доволни за да се исправи курсот на владиниот брод, дали се доволни само министерски рокади и нови назначувања“, вели Сања Лукаревска.

На почетокот на седницата од своите позиции беа разрешени министрите за здравство Азир Алиу, за правда Игор Филков, за земјоделство Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, за култура Зоран Љутков, за социјала Фатмир Лимани, за локална самоуправа Златко Перински, како и Шабан Салиу од функцијата министер без ресор.