Избор на претседател во Собрание? – Потреба или тема за пред избори на ДУИ и албанската опозиција

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Изборот на претседател да биде во Собрание се чини е главна тема на Демократската унија за интеграција во ова предизборие, иако со истото барање излегоа и од албанската опозиција. Портпаролот на ДУИ Арбр Адеми и денеска повтори дека ваквата идеја е на лидерот на партијата Али Ахмети, со двотретинско и Бадентерово мнозинство да се надмине наметнувањето на волјата на двете најголеми македонски политички партии, а воедно државата ќе заштеди пари од изборите.

„Сите граѓани исто така ќе бидат поштедени од кампањите и учеството на изборите за функција која има протоколарен карактер. Разочарани сме што ВМРО-ДПМНЕ еднаквоста ја гледа како уцена и избрзува како и секогаш со отфрлање на прогресивни идеи поради заробеноста на конзервативниот ум во замислената етничка доминација во заедничката држава“, вели Арбр Адеми.

Но за ВМРО-ДПМНЕ ова е неприфатливо бидејќи како што велат, претседателот на државата треба да се избира на непосредни избори. Тие ваквата идеја ја оценуваат како национал-романтичерско барање кое им служи само за пред избори.

„Очекувано од ДУИ во недостаток на реални аргументи, реални проекти, она што се суштински проблеми на граѓаните и кои што како власт во изминативе 20 години не успеале да ги решат, да излегуваат со вакви национал-романтичерски барања. Она што е наш став е дека ВМРО-ДПМНЕ под уцени ниту разговара ниту преговара а најмалку пак прифаќа уцени“, порача Бране Петрушевски.

Но се чини дека покрај ВМРО-ДПМНЕ ова не е прифатливо ниту за нивниот владин коалиционер СДСМ. Тие уште вчера излегоа со соопштение во кое го отфрлаат ова барање.

„СДСМ останува на ставот дека претседателот на државата треба да го бираат граѓаните на директни, непосредни избори како врвно демократско право на граѓани. Само претседател избран директно од страна на граѓаните има толку широк потенцијал да може да делува во обединување на општеството, на граѓаните, на партиите и да придонесе за остварување на врвните стратешки и национални цели“, порачаа од СДСМ

Деновиве и дел од експертската јавност во интервју за ТВ21 говореа за оваа тема. Владимир Божиновски вели дека доколку се избира претседател во Собрание тогаш воопшто не треба ни да постои оваа функција.

„Извршната власт е поделена помеѓу Владата и претседателот и затоа имаме посебни претседателски избори. Многу ќе биде попродуктивно да се намали оној цензус кој што е на 40 проценти отколку да се бира претседателот во Собранието. Затоа што така тогаш веќе и нема да има потреба да постои таа функција како дел од извршната власт. Бидејќи тогаш легитимитетот произлегува индиректно преку гласовите на граѓаните кои што ги дале за избор на пратеници, а вака има директен легитимитет“, порача Владимир Божиновски.

За избор на шефот на државата во Собранието, мора да има промени во Уставот и тоа во членот 80 каде е наведено дека претседателот на државата го бираат граѓаните на избори.