Изборен ден за затвореници, болни и изнемоштени – ДИК ги привршува последните подготовки за утрешните двојни избори

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За лицата во казнено-поправните установи, болните и изнемоштени денешниот е изборен ден. Вкупно 2.147 затвореници или притвореници во 14 казнено поправни установи имаат можност да гласаат за претседателските избори, додека за парламентарните бројката е 2.140. Што се однесува до болните и изнемоштени лица пријавени за глас се 11.095 гласачи за претседателските и  11.197 за парламентарните избори. Денеска гласа и дијаспората за што пријавени се 2.569 иселеници кои својот глас ќе го остварат во нашите дипломатско-конзуларните претставништва во странство, но единствено за претседателските избори, додека за парламентарните избори тие нема да гласаат бидејќи не беше исполнет бројот на пријавени гласачи. Сепак, резултатите од денешниот изборен ден ќе бидат познати утре, кога ќе заврши гласањето.  Според портпаролот на Државната изборна комисија Адмир Шабани гласањето денеска се одвива без проблеми.

Во текот на денешниот ден комуницираме постојано со општинските изборни комисии кои што ни јавуваат дека дистрибуцијата на материјалот е веќе завршена, тече како што треба и веднаш потоа и гласањето на посебните категории на лица тече во најдобар ред, вклучувајќи ги тука и избирачките места кои што се отвораат во Казнено поправните домови, центрите за вонсемејна грижа и така натаму“, вели Адмир Шабани.

Паралелно со денешното гласање за посебната категорија граѓани привршуваат и подготовките за утрешниот изборен ден на територија на цела држава. Шабани вели дека финишираат подготовките и не очекуваат да има проблеми.

Целокупниот материјал, гласачи ливчиња, записници, дневници за евиденција на настани УБИГ апарати и така натаму веќе е доставено до општинските изборни комисии, како што напомнав веќе е дистрибуиран до избирачките одбори. Се на се, се е подготвено за почеток на утрешниот ден и практично имајќи ги предвид овие подготовки очекуваме, барем во технички аспект изборниот ден да помине неприкосновено“, вели Адмир Шабани.

Очекувањата на портпаролот на ДИК се дека иако се работи за двојни избори, првичните резултати ќе се знаат многу брзо. За претседателските избори запишани се 1.814.317 гласачи додека за парламентарните тој број е 1.815.350 гласачи. Разликата во бројот на гласачите е 1033 и тоа е поради гласачи кои стекнуваат полнолетство. На овие избори ќе има над 2.000 домашни и странски набљудувачи и околу 80 странски новинари.