Избори се ближат, избори се ближат – премиерот се фати за лопата, тешко оди со кошула

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот пешачеше 500 метри за да види што сработил градоначалникот Шилегов.

Па се фатија за лопата.

ТВ21: Премиере, тешко по кошула?

Зоран Заев: А не, трениран сум јас. Не сме биле секогаш премиери.

Садеше и неговата заменичка Лукаревска, но премиерот остана во мисла…

Зоран Заев: Ако поминат од ВМРО, ќе го земат.

ТВ21: На некоја зелена партија да не атакувате? Некои промени кои што денеска се најавуваат?

Зоран Заев: Денеска ќе видиме што ќе се случува.

Но, изгледа премиерот го збунивме. Па наместо Ден на животната средина…

Зоран Заев: Денеска е ден на Екологијата

На премиерот садењето му се допадна, па сакаше уште. Но се беше веќе засадено, па за да се исполни премиерската желба, се корнеа и одново засадуваа цвеќиња.

Зоран Заев: Ајде Петре сега и ти.

Петре Шилегов: Нема каде…

Зоран Заев: Па еве тука, гледај како ти е напеналено.

Зоран Заев: Е така, да оставиш трага една. Директно! Најнепосредно!

Садењето му се допадна, па пред медиумите рече Шилегов и наш фаворит.

„Јас верувам дека има изградено сериозно висок рејтинг, заради тоа што се работеше и во време на пандемија и во време на референфум и на претседателски и на парламентарни избори…“, порача Заев.

На повеќе од четири месеци до локални избори, политичарите ја почнаа кампањата. Премиерот изминатава недела присуствуваше на неколку настани низ Македонија, а опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ пак има постојани средби со граѓаните на терен.

ДУИ и Али Ахмети на настан во Липково дадоа поддршка на тамошниот градоначалник, а БЕСА има непотврдени информации дека лидерот Касами ќе се кандидира за градоначалник на Тетово.

Останува дилемата со каков модел ќе одиме на локалните избори и дали партиите ќе постигнат согласност за воведување на отворени листи.