До 9 часот утринава, на предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница излегле 2,46 отсто од гласачите. Како што информираа од Државната изборна комисија (ДИК), правото на глас досега го оствариле 400 избирачи. Од ДИК велат дека во споредба со првиот круг од локалните избори минатата година, има помал одѕив за 2,87 процентни поени.
„Гласањето започна утрово во 7 часот и засега тече непречено и без некои најави за евентуални проблеми“, изјави портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска.
Од ДИК потсетија дека е активна бесплатната телефонска линија 0800 555 44 за информации околу остварувањето на избирачкото право. За лицата со оштетен слух обезбеден е бројот 076 488 360, на кој преку видеоповик може да се добијат информации на знаковен јазик.
Во текот на вчерашниот ден, гласале 85 од вкупно 88 пријавени болни и немоќни лица. Од деветте лица запишани во Избирачкиот список кои издржуваат затворска казна или се во притвор, гласале седум минувачи. Право на глас на овие избори имаат 16.256 граѓани запишани во Избирачкиот список, кои гласаат на вкупно 24 избирачки места.
