Романскиот парламент денеска изгласа поддршка за новиот владин кабинет предводен од независниот премиер Лука Никулеску, со што се става крај на повеќемесечната политичка криза и блокада во земјата.
Претседателот Никушор Дан го именуваше 55-годишниот Никулеску – дипломат и поранешен новинар – за мандатар на 5 октомври, по соборувањето на кабинетот на Илие Боложан на 5 мај. Тој беше четврти кандидат за оваа функција, откако парламентот претходно отфрли двајца кандидати, а еден го врати мандатот поради недостиг од поддршка. Новиот кабинет го сочинуваат 12 министри од Социјалдемократската партија (СДП) и шест независни министри.
– Го прифатив мандатот како независен премиер бидејќи Романија повеќе не може да си дозволи продолжена криза и нема време за губење – изјави Никулеску на заедничката седница на Долниот дом и Сенатот пред гласањето за доверба, објави телевизијата „Диџи 24“. Тој истакна дека со формирањето на новата влада се става крај на петмесечниот период на привремено управување, додавајќи дека програмата и тимот имаат неколку јасни цели: носење пари и инвестиции, зајакнување на Европа и заштита на граѓаните.
Осврнувајќи се на буџетскиот дефицит, кој во 2024 година достигна 9,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), Никулеску нагласи дека целта е градење економија способна да создава поголема вредност и повисоки плати. Тој вети зачувување на рамниот данок, усогласување на пензиите од 2027 година, заштита на најранливите категории и намалување на цената на струјата за стратешките индустрии преку 10-годишен национален енергетски договор.
Во однос на надворешната и безбедносната политика, тој порача дека е потребна промена на темпото и поактивно учество во ЕУ. Посочувајќи дека војната на границата ги зголемува заканите, новиот премиер вети продолжување на инвестициите во безбедноста, зајакнување на односите во НАТО и на стратешкото партнерство со САД, додавајќи дека Романија ќе биде главна поддршка за брзо пристапување на Молдавија кон ЕУ.
За избор на владата беа потребни најмалку 233 од вкупно 464 пратеници, а Никулеску го обезбеди потребното мнозинство благодарение на поддршката од Социјалдемократската партија (СДП), Национал-либералната партија (НЛП) и Демократскиот сојуз на Унгарците (ДСУР), и покрај противењето на десноцентристичкиот ССР, крајнодесничарската АУР и дел од либералите.
