Избори во Ерменија: Победи проевропскиот Пашињан, но проруската опозиција освои значителна поддршка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владејачката партија Граѓански договор на премиерот Никол Пашињан освои нешто помалку од половина од гласовите на парламентарните избори во Ерменија, кои се сметаа за тест на нејзиното справување со мировниот договор со Азербејџан и на сè поизразеното приближување кон Западот, оддалечувајќи се од традиционалниот покровител Русија.

Партијата на Пашињан освои 49,8 проценти од гласовите по пребројувањето на резултатите од сите избирачки места, покажаа податоците на Централната изборна комисија. Тоа е помалку од 54 проценти, колку што освои на изборите во 2021 година.

Резултатите се подобри од очекуваните за трите главни проруски опозициски групи, кои заедно освоија 37 проценти од гласовите и, според првичните резултати, ќе влезат во парламентот заедно со владејачката партија.

Ова беа првите општи избори во Ерменија по тешкиот воен пораз од Азербејџан во 2023 година, по години конфликти и политички турбуленции.

На прес-конференција во раните утрински часови во понеделникот, Пашињан изјави дека неговата партија победила и ја нарече победата „историска“.

„Ерменскиот народ гласаше за регионален просперитет и соработка и се надевам дека ова ќе предизвика позитивен одговор од Турција и Азербејџан“, рече тој, ветувајќи дека ќе продолжи да ги развива односите и со Западот и со Русија.

Сепак, резултатите за Пашињан се компликувани, бидејќи не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, неопходно за распишување уставен референдум што го бара Азербејџан како дел од мировниот договор. Таквиот референдум се смета за важен чекор и за нормализирање на односите со Турција, клучен сојузник на Азербејџан.

Од друга страна, дел од опозициските партии ги критикуваа резултатите и прогласувањето на победата од Пашињан, направено кога резултатите од нешто повеќе од една петтина од 2.005 избирачки места покажуваа дека неговата партија има околу 54 проценти од гласовите.

Главниот противкандидат на премиерот, Самвел Карапетјан, руско-ерменски милијардер и основач на партијата Силна Ерменија, ја обвини владата за изборни манипулации. „Бидете сигурни дека изборите сè уште не се завршени и дека нема конечни резултати. Властите нема да ја добијат победата што ја посакуваат“, изјави Карапетјан за руската агенција Интерфакс.

Опозициската Ерменска Алијанса, пак, соопшти дека прогласувањето на победата од страна на Пашињан било прерано и претставувало „притисок врз Централната изборна комисија и узурпација на власта“.

ОБСЕ, која ги набљудуваше изборите, за денес најави прес-конференција за претставување на своите оценки.

Три опозициски групи го преминаа изборниот праг за влез во парламентот: Силна Ерменија со 23,2%, Ерменската алијанса – 9,9% и Просперитетна Ерменија со 4% од гласовите.

Конечната распределба на пратеничките места сè уште не е целосно утврдена. Излезноста во Ерменија, земја со околу 3 милиони жители, изнесуваше речиси 59 проценти од запишаните гласачи.