Избори во Ерменија, тест за напорите за мировен договор со Азербејџан и за односите со Русија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ерменците денеска излегуваат на парламентарни избори кои се сметаат за тест на напорите на владата да постигне мировен договор по тешкиот воен пораз од Азербејџан пред три години.

Анкетите покажуваат дека владејачката партија на премиерот Пашињан води со поддршка од до 32 проценти од гласачите, додека проруската партија Силна Ерменија е на второто место со поддршка до 11 проценти.

Пашињан ја приближи Ерменија кон Западот откако дојде на власт во 2018 година и ја оддалечи од нејзиниот традиционален покровител Русија, што предизвика незадоволство во Москва во пресрет на гласањето.

Бруто-домашниот производ по жител, исто така, е двојно зголемен за време на владеењето на Пашињан, поранешен новинар и опозициски активист кој стана политичар.

„Навистина ми се допаѓа како Ерменија се развива пред мои очи“, изјави 39-годишната гласачка Карине Дарбињан на митинг на Пашињан во центарот на Ереван во петокот.

Пашињан се соочува со бран критики од опозицијата и делови од јавноста кои го обвинуваат дека капитулирал пред Азербејџан, особено по војната во 2023 година.

Тој возврати така што мировните напори ги стави во центарот на својата изборна кампања, пред сè договорот што го потпиша во Белата куќа минатиот август со Азербејџан, по периодичните вооружени судири што траат од крајот на 80-тите години.

Ерменската опозиција, пак, е доминирана од проруски групи, меѓу кои и партијата „Силна Ерменија“, формирана минатата година од руско-ерменскиот милијардер Самвел Карапетјан. Тој се залага Ерменија да остане блиску до Русија, која е клучен снабдувач со енергенси и важен пазар за ерменскиот извоз.

На митинг на „Силна Ерменија“ во Ереван минатата недела, жена која се претстави само како Гајане изјави дека го поддржува Карапетјан затоа што тој ќе обезбеди „нашата Ерменија да остане ерменска“. Таа рече дека потекнува од Нагорно-Карабах, отцепениот регион населен со етнички Ерменци, кој Азербејџан повторно го презеде во војната во 2023 година. Целото ерменско население од регионот избега по хаотичната еднодневна офанзива.

Гласачките места се отворија во 8 часот по локално време и ќе бидат затворени во 20 часот. Право на глас имаат околу 2,48 милиони граѓани во оваа континентална држава со околу 3 милиони жители.