Мицкоски: Владата на СДСМ-ДУИ во 2023 влегла во деловни односи со Алта Банка и Давор Мацура

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски обвини дека претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ уште во 2023 година воспоставувала деловни односи со Алта банка и нејзиниот сопственик Давор Мацура, и покрај актуелните критики од опозицијата за случајот со оваа финансиска институција.

На брифинг со новинарите, Мицкоски сподели информации од владина седница од времето кога со Владата раководел Димитар Ковачевски. Според него, на таа седница, на предлог на тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими, било побарано да се разгледа отуѓување на акциите што државата ги поседувала во Алта банка Србија, како дел од сукцесијата на поранешна Југославија.

Мицкоски тврди дека Владата тогаш му дала насоки на Државното правобранителство за постапување во врска со акциите и воспоставување деловни односи со Алта банка и нејзиниот сопственик Давор Мацура.

„Уште во 2023 година владата на СДСМ и ДУИ на владина седница му дава насока на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта банка со истиот овој сопственик Давор Мацура“, изјави Мицкоски.

Тој ја искористи оваа информација за да ја доведе во прашање позицијата на опозицијата, која денеска ја критикува актуелната власт во врска со Алта банка. Мицкоски праша дали тогашните владини претставници знаеле кој е Мацура и дали имале информации за потеклото на капиталот со кој располагал.

„Дали тие тогаш знаеле кој е Давор Мацура или кога се одлучиле акциите кои што ги поседува државата во банката која што ја купува Давор Мацура да му ги продадат, имале претстава дека тоа е руски капитал, ’прљави‘ пари, криминално стекнати пари или тогаш тоа не важело?“, праша премиерот.

Според Мицкоски, на споменатата владина седница присуствувале и пратеници од СДСМ кои тогаш биле членови на Владата.