По изборните резултати во Унгарија, каде што беше поразен Виктор Орбан, веднаш пристигнаа реакции и од политичките партии во Македонија. Претседателот на СДСМ Венко Филипче преку објава на социјалните мрежи го оцени резултатот како крај на еден автократски режим, нагласувајќи дека „Европа не прифаќа автократија“ и дека ова претставува победа на демократијата. Од партијата оценија дека промената во Будимпешта е порака за целиот регион, поврзувајќи ги случувањата и со домашната политичка состојба.
„Вечерва Унгарија кажа: ДОСТА Е! Недемократскиот режим на Виктор Орбан падна – токму како што најавувавме со месеци. Криминалната организација ВМРО останува без својот единствен сојузник во ЕУ. Нема веќе криење на Никола Груевски во Будимпешта, ниту бизнис-комбинации. Новиот премиер на Унгарија, г. Петер Маѓар, најави длабоки реформи во медиумите поради големото влијание што Орбан го имаше врз нив. Паѓаат автократските режими. Следен е Александар Вучиќ, а заедно со него и Христијан Мицкоски.“, напиша Филипче.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со остра критика кон Филипче, повикувајќи го да се фокусира на внатрешните проблеми на партијата и да се дистанцира од поранешниот премиер Зоран Заев. Од партијата нагласија дека опозицијата не треба да се занимава со избори во други држави, туку со домашната политичка состојба.
„Венко Филипче и актуелното раководство на СДСМ, кое тој го постави по своја мерка, конечно треба да се дистанцираат од Зоран Заев и сите негови сомнителни бизнис-партнери со проруски врски во темни и криминални договори. Такви сомнителни партнери Заев има повеќе. Меѓу нив се имиња како Миодраг Дака Давидовиќ, Александар Онишченко и Борче Марковски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Реакција имаше и од потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, кој на социјалните мрежи кратко напиша:
„Падна антиевропскиот режим во Будимпешта. Со лесен чекор…“, напиша Османи.
Во меѓувреме, Беким Ќоку од коалицијата ВЛЕН, оцени дека поразот на Орбан е добра вест за демократијата во Европа.
„Поразот на Виктор Орбан во Унгарија е добра вест за демократијата и за прогресивните сили во Европската Унија и Европа во целина. Тоа покажува дека и режимите кои изгледаат стабилни можат да бидат предизвикани и поразени преку волјата на граѓаните. Во исто време, ова е лоша вест за авторитарните режими, кои сè повеќе функционираат врз основа на меѓусебна солидарност, надвор од идеолошките разлики“, вели Ќоку.
Реакциите покажуваат длабока политичка поделеленост во земјава, каде што меѓународните случувања се користат и за внатрешни политички пресметки.
