Изборниот законик готов, датум нема – Мицкоски: Очекувам за недела – две да има договор за изборите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема се уште најава за скорешна средба меѓу партиите во Собранието кои се очекува да се договорат околу утврдувањето на точниот тајминг на изборите. Засега нема ниту договор околу  тоа дали претседателските и парламентарните ќе бидат двојни или пак ќе се одржат во одделни датуми. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека наскоро очекува да се случи договорот за изборите.

„Очекувам да преовлада разумот, очекувам да преовладеат државните интереси и во наредните денови, еве би рекол недела до две да се постигне консензус  околу датумот за изборите и на еден трошок да не ги оптеретуваме граѓаните со двојни трошоци да организираме и претседателски и со вториот круг на претседателските и парламентарни избори“, вели Христијан Мицкоски.

Денеска се одржа и работната група на Министерството за правда за измените на Изборниот законик кои се однесуваат на препораките на ОБСЕ ОДИХР за кои се подготвени 36 предлози. Александар Новаковски, претседател на ова тело објави дел од подготвените измени.

„Финансирање на политичките партии, заштита на избирачкото право, околу медиумите – медиумското претставување, но оваа работна група имаше мандат само за препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Една од препораките на крај, на ОБСЕ ОДИХР е во еден период, не за овие избори туку за наредните, да се донесе нов Изборен законик“, додаде Александар Новаковски.

Заменик министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ уверува дека измените ќе се донесат навреме.

„Има доволно време бидејќи по Устав, први избори се претседателските избори и доволно е време за да може да биде донесен пред распишување на изборите затоа што не станува збор за некои големи, суштински измени за да не можат чинителите и учесниците во изборниот процес да го спроведат тоа  како Државната Изборна комисија многу брзо ќе може да ги примени тие измени што ќе настанат“, додаде Викторија Аврамовска Мадиќ.

Во работната група за измените на Изборниот законик според препораките на ОБСЕ ОДИХР не учествуваа од ВМРО-ДПМНЕ на кои иако им беше понудено и претседателско место, одбија. Во работата не учествуваше ниту албанската опозиција, но тоа е затоа што тие се формираа откако ова тело веќе започна со работа.