Изборот на новите министри пред пратениците – опозицијата со критики, се предлагаат министри без никакво исскуство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Техничкиот премиер Талат Џафери кој беше многу краток во образложението за предложените нови министри од Алијанса за Албанците Илир Демири за здравство и Наим Бајрами за информатичко општество и администрација, рече дека нивните дела зборуваат за нив.

„Предлогот Илир Демири да биде избран за министер за здравство нема потреба од претставување, скоро секој од нас имал прилика да помине или лично или преку член на семејството во Инфективната клиника. За предлогот Наим Бајрами магистер по информатичка технологија, секако млад човек, кој што прилика добил да се покаже и да се докаже во струката“, вели Талат Џафери.

Опозициската ВМРО-ДПНЕ со низа критики за предложените министри. Бојан Стојановски од оваа партија му се обрати на Џафери и го праша врз кои критериуми е направен изборот на новите министри.

„Дали сметате дека е сериозно да предложите министер за информатичко општество во кое што како квалификатив ќе дадете млад човек и ќе треба да му дадеме шанса. Па за што да му дадеме шанса како министер да учи и да стекнува знаење? И потоа затоа имаме вакви перформанси во Владата. Токму таквите политики на приучување на луѓе на функции кои што се одговорни и кои што се важни не донесоа до ниво сега да бираме министри кои што, замислете, биле млади луѓе и треба да им дадеме шанса да се научат како ќе работат откога ќе стапат на министерските позиции“, вели Бојан Стојановски.

Мартин Костовски од СДСМ пак ги праша пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што се смени во односот кон претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари кого претходно го критикуваа за куќата во Тафталиџе и ги обвини дека стојат зад случувањата во Алијанса за Албанците

„Вашиот потпретседател Александар Николовски го обвинуваше господинот Таравари дека цената за влез во Владата била куќа во Тафталиџе која му била подарена. Денеска слушаме нешто друго од ВМРО-ДПМНЕ. Што е работава, ја продаде ли, да не ја купи некој од ВМРО-ДПМНЕ па не можевте да издржите, малку да изглумевте пред јавноста, па вчера имавме слики во јавноста од господинот Таравари заедно со вашиот претседател на таканаречен патриотски институт. Јас знам дека ВМРО-ДПМНЕ има ставено потпис и печат позади ова што се случува во Алијанса за Албанците“, вели Мартин Костовски.

Собраниската седница за избор на новите министри Демири и Бајрами се случува откако во петокот беа разрешени министрите за здравство Фатмир Меџити и за информатичко општество Азир Алиу.