Проектот за модернизација на јавниот превоз влегува во завршната фаза, откако е избран најповолниот понудувач за набавка на 150 електрични автобуси што ќе бидат вклучени во градскиот превоз во Македонија.
Од вкупниот број, 100 автобуси ќе бидат наменети за ЈСП „Скопје“, додека преостанатите 50 ќе бидат распределени во други градови и општини низ државата, со цел подобрување на локалниот јавен превоз.
На тендерот како најповолна е избрана заедничката понуда на унгарската компанија „Електробус Икарус“ и австриската компанија ЕВН. Освен испораката на автобусите, проектот предвидува и изградба на неопходната инфраструктура за нивно полнење.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оцени дека станува збор за капитална инвестиција која ќе придонесе за обновување на возниот парк, подобрување на услугите за патниците и воведување на поеколошки јавен превоз.
Во следните десет дена ќе тече законскиот рок за евентуални жалби. Доколку не бидат поднесени приговори, ќе следува потпишување на договорот, по што ќе започне реализацијата на проектот и испораката на новите возила.
Според информациите од Министерството за транспорт, вредноста на избраната понуда изнесува околу 3,12 милијарди денари без ДДВ, односно приближно 50 милиони евра.
Испораката ќе се одвива по фази. Во првата етапа се очекува пристигнување на првите електрични автобуси заедно со станиците за полнење, а потоа ќе следуваат уште две испораки до целосно обновување на предвидениот возен парк.
Ова е една од најголемите инвестиции во јавниот превоз во последните години и има за цел да обезбеди современи, енергетски ефикасни и еколошки возила, со што ќе се намалат штетните емисии и ќе се подобри квалитетот на воздухот, особено во урбаните средини.
