Избрани замениците на Гаши – ЕФ бараше потпретседател, но не добија, седницата ја блокираа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тројца потпретседатели ќе има спикерот на македонското собрание Африм Гаши. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митрески од СДСМ и Весна Бендевска од ЗНАМ ја добија потребната поддршка за нивниот избор. Иако првично се размислуваше да се изберат петмина потпретседатели, сепак се одлучи тоа да бидат тројца. Со ова отпадна и можноста еден од потпретседателите да биде од Европскиот фронт иако, како што дознаваме тие инсистирале да добијат потпретседателско место, па најверојатно и тоа беше причината поради што пратениците од оваа коалиција не присуствуваа на седницата.

Пратениците пак од редовите на СДСМ освен за пратеникот од нивните редови Јован Митрески, воопшто не гласаа ниту за ниту против како за Милошоски така и за Бендевска. Па така Митрески беше избран со 82 гласа за, Милошоски со 69 гласа за а Бендевска со 70 гласови. Потпретседателите дадоа и свечена заклетва на која поради здравствени причини не присуствуваше само Милошоски.

Во изјавата кога требаше да се прочита уставното име, Бендевска само читаше РС Македонија.

Изјавувам дека функцијата потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, ќе ја вршам совесно и одговорно и ќе го почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, вели Гаши.

Инаку, на почетокот на седницата беше утврдена и одлуката за избор на претседатели, заменици на претседатели, како и членови и нивните заменици на собраниските комисии. По оваа седница веќе во вторник се очекува пред пратениците да се најде и точката за изборот на новиот владин кабинет. На неа мандатарот Мицкоски ќе го предложи новиот владин кабинет и ќе ја претстави програмата за работа на идната Влада. Расправата може да трае најмногу два дена.