Суспензија и дисциплински постапки за осум лица вработените во Министерството за внатрешни работи за кои се поднесени кривични пријави за случајот со нелегално издавање возачки дозволи, информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР до Основното јавно обвинителство покрај за осумте вработени во МВР,поднесе кривични пријави и уште против 28 лица.
„Преку коруптивни дејствија, злоупотреба на службената положба и овластување или несовесното работење во служба, точно е дека имаме истрага за 8 лица кои што се припадници на Министерството за внатрешни работи кои што директно учествувале во овие нелегални активности за издавање на возачки дозволи на лица кои што немаат положено возачки испит.“, рече Спасовски.
Според МВР пријавените службени лица биле вработените во Одделението за управни работи и тие се сомничат дека издавале возачки дозволи за пари. Вршеле електронско креирање на документација со внесување на лажни податоци, потоа истото го одобрувале за изработка, по што им биле издавани возачките дозволи на граѓани без полагање возачки. За тоа до кој степен на хиерархијата во МВР имало вмешаност, Спасовски не сакаше да открие повеќе детали, но рече дека истрагата за овој случај се уште се води.
„Со оглед на фактот дека се уште се работи во однос на овој предмет во истрагата јас не би изнесувал повеќе податоци, ќе стигне до секој оној кој што се обидел да злоупотреби своја положба службена и овластување без разлика на која позиција се наоѓа во Министерството за внатрешни работи, а за бројката ќе биде соопштена во момент кога тоа ќе може да се соопшти.“, рече Спасовски.
Спасовски најави дека ниту еден случај на злоупотреба на службената положба нема да се толерира, особено вакви коруптивни дејства. Кривичните пријави за осумте вработени се однесуваат на злоупотреба на службена положба и овластување , несовесно работење во службата и фалсификување на службена исправа, додека за другите 28 лица се сомничат за поттикнување на кривично дело.
