Семејствата на настраданите во пожарот во тетовската модуларна болница изразуваат незадоволство од одлуката на судот за обвинетите. Велат дека одлуката е смешна и додаваат дека обвинетите во овој случај не се вистинските луѓе.
„Не беа вистинските луѓе, јас не знам зошто не ги спомнуваат вистинските луѓе. Јас не знам дали е некој политички договор за да не се спомнуваат бидејќи се знае кои треба да бидат. Поранешниот министер за здравство, Филипче, ќе го спомнам со име, не да даде оставка во тоа време, но и Илир Хасани, бидејќи беше заменик министер. Јас сум кажал и ќе повторам дека листата на обвинетите е долга. Ние не сме задоволни со одуката на судот, се знае дека има многу, бидејќи не е мало нешто, станува збор за 14 лица. Јас сум бил до последниот момент, сум го кажал тоа и во изјавата“, вели Мумин Исмаили.
А од листа Најдоброто за Тетово велат дека скапаната правда уште еднаш ги уби жртвите.
„Скапаната и правдата која е заложник на политиката по втор пат ги уби жртвите и нивните семејства но и замолчените тетовци. Клиентелистичката политика која владее сите овие години кај нас ги дава овие резултати, каде за 14 изгорени животи имаме нула затвор, ова е тотално апсурдно“, додаде Нгадењим Мемети.
Тетовскиот суд вчера двајцата директори ги осуди со 1.5 години условна затворска казна, а лекарот Бобан Вучевски беше целосно ослободен од обвинението. Клиничката болница во Тетово како правен субјект треба да плати парична казна од еден милион денари.
