Изградбата ќе почне 2026 ќе заврши до 2028 – објавен меѓународниот тендер за интерконекторот со Албанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Објавен е меѓународниот тендер за изградба на 400 киловолтната интерконекција меѓу Македонија и Албанија. Државата бара нова фирма која за 17 милиони евра треба да го изгради едниот дел од интерконекторот, 100-тина километри надземен далековод од Трафостаница Битола 2 до македонско-албанската граница. Откако обидот со Босанската компанија „Енергоинвест не успеа – договорот беше раскинат на крајот на минатата година. Токму после првата емисија на „Бизнис 21“ – Истражувањето каде завршија 50 милиони евра за нашето енергетско поврзување со Албанија?!

-Затекнавме сериозно запоставен проект. Од 269 предвидени фундаменти за далеководни столбови, беа завршени само 24. Изведувачот преку неоправдани барања за дополнителни средства со еднострано напуштање на теренот го загрози проектот и јавниот интерес, изјави Бурим Љатифи, директор на МЕПСО.

Рокот за доставување понуди е 45 дена, изборот на компанијата треба да заврши во третиот квартал од годинава. Изградбата треба да почне 2026 година, а да заврши до крајот на 2027. Љатифи смета дека не сме оштетени со раскинатиот договор, бидејќи дел од парите сме вратиле преку банкарската гаранција, а дел во опрема.

-Веќе се исплатени околу 5,8 милиони евра кон претходниот изведувач Енергоинвест, од кои околу 2 милиона се веќе вратени во однос на банкарски гаранции. Значи исплатени кон нив се околу 3,5 милиони евра. Дали тоа значи дека има финансиски реперкусии, не би рекол затоа што тие средства се отидени во набавка на опремата која веќе е наша сопственост, изјави Бурим Љатифи, директор на МЕПСО.

Истражувањето на Бизнис 21 лани откри дека е заглавен едниот дел од проектот – далекуводот Битола 2 – Елбасан. Иако требаше да биде готов, на терен најдовме само пуста ливада. Опремата со години стои во депо на земја. А Енергоинвест и покрај пробиените рокови, бараше дополнителни 7 до 8 милиони евра Анекс на договорот. На другиот дел од проектот, Трафостаницата близу Охрид работите се одвиваа со забрзана динамика.

Истражувањето покажа дека „Кончар“ од Загреб кој го доби тендерот од 17 милиони евра, добил и Анекс со дополнителни 3 милиони евра.