Измама со брзи кредити во Куманово: под истрага две жени и петмина банкарски службеници за штета од околу 198.300 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шема за измама со брзи потрошувачки кредити оштетила повеќе граѓани во Куманово, предизвикувајќи финансиска штета од над 12 милиони денари. Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава против две жени од Куманово и петмина банкарски службеници, осомничени за вмешаност во случајот.

Според МВР, сомнителната шема се спроведувала од јануари до јули 2026 година. Во тој период, една од осомничените во 18 одделни случаи наводно ги користела личните податоци на повеќе граѓани за да аплицира за потрошувачки кредити на нивно име, без нивно знаење и согласност.

„Првопријавената, во периодот од јануари до јули 2026 година во 18 наврати, искористувајќи лични податоци на повеќе лица, во нивно име и без нивна согласност аплицирала за брзи потрошувачки кредити, а по одобрувањето и исплата на парите, тие биле противправно присвоени од прво и второпријавената“, се наведува во соопштението на МВР.

Сомнежите не се однесуваат само на двете кумановки. Во случајот се опфатени и петмина банкарски службеници, кои, според полицијата, наводно овозможиле спроведување на измамата и располагање со парите добиени од кредитите.

Според МВР, службениците биле вработени во филијала на една банка и се осомничени дека ја злоупотребиле службената положба и овластувањата, овозможувајќи им на двете жени противправно да стекнат имотна корист.

Вкупната штета предизвикана на граѓаните е проценета на 12.221.500 денари, односно околу 198.300 евра.

Против двете осомничени е поднесена кривична пријава за измама и злоупотреба на лични податоци, додека петмината банкарски службеници се пријавени за злоупотреба на службената положба и овластувањата.