Измама со лажна инвестициска платформа – стотици граѓани оштетени, кривична пријава против две лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Битола против две лица, М.К. (56) од Битола и А.С. (38) од Естонија, под сомнение за сторено кривично дело „Измама“. Според соопштението на полицијата, осомничените наводно поттикнале неколку граѓани да вложуваат пари во лажна интернет-платформа, при што им предизвикале финансиска штета.

„Во периодот од декември 2025 година до април 2026 година, преку мобилна апликација, во канал со неколку стотици претплатници, ветувајќи наводна заработка која никогаш не била реализирана, поттикнале голем број граѓани од целата земја да вложуваат финансиски средства во лажна интернет-платформа и на тој начин им предизвикале значителна финансиска штета“, порачаа од МВР.

Во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика биле доставени пет пријави од оштетени граѓани, но според финансиските извештаи, постои сомнение дека со оваа измамничка шема биле погодени стотици граѓани, од кои повеќето не го пријавиле случајот.

За расчистување на случајот била спроведена неколкумесечна истрага, во соработка со повеќе домашни и странски институции. Во текот на истрагата, полицијата спровела информативен разговор со првопријавеното лице и му ги одзела електронските уреди кои биле користени за комуникација преку апликацијата.

„Преку форензичка анализа на податоците извлечени од одземените уреди, било потврдено кривичното дело за кое е поднесена кривичната пријава. Што се однесува до меѓународниот аспект на истрагата, по стручна анализа на трансакциите со криптовалути, преку меѓународни безбедносни платформи биле обезбедени целосни информации за сопственикот на паричникот со криптовалути“, вели МВР.

Имајќи го предвид растечкиот тренд на овој вид измами, МВР апелира до граѓаните да не им веруваат на ветувањата за лесна и брза заработка на интернет.

Измамниците, преку социјалните мрежи, лажни профили и телефонски повици, нудат можности за инвестирање во криптовалути, ветувајќи високи и сигурни финансиски приноси.

На овој начин ги убедуваат граѓаните да префрлаат пари на лажни инвестициски платформи, кои можат да изгледаат целосно легитимно.