Измена на законот за Судски совет – во него ќе се вградат препораките од Оценската мисија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Измени на законот за Судски совет и адресирање на препораките на Оценската мисија, ова се дел од мерките што ќе се преземаат во реформирањето на работата на ова тело. Министерот за правда Игор Филков очекува измените на законот во целост да одговорат на препораките на Оценската мисија и очекува со тоа да се отстранат проблемите што ги има Судскиот совет.

„Реформската агенда која официјално беше одобрена од Европската комисија на 23 октомври годинава не обврзува до јуни 2025 година да имаме нов закон за Судски совет во кој што ќе бидат адресирани препораките од Оценската мисија. Не очекува и обврската нацрт законот да биде разгледан од страна на Венецијанската комисија пред усвојувањето во државата, што создава притисок за што поскоро завршување на процесот“, вели Игор Филков.

Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми рече дека целта на измените на законот е да се надминат слабостите на Судскиот совет а воедно ќе бидат и во согласност со препораките на Оценската мисија.

„Токму начелата на независност на судството, отчетноста, заштитата на угледот на судството, интегритетот на судиите, заштитата од несоодветните влијанија, правната сигурност и секако принципите на Европскиот суд за човековите права треба да се суштинската основа за законските измени“, порача Беса Адеми.

И додека се дебатираше за реформите, во Собранието заклетва даде новиот член на Судскиот совет Данка Ристова која е сопруга на градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Таа на оваа позиција доаѓа и покрај критиките на опозицијата за нејзино партиско назначување.  Ристова се обврза дека функцијата ќе ја извршува професионално и без политички притисоци.

„Оваа доверба ќе ја оправдам со посветена работа во Судскиот совет и сметам дека пред Судскиот совет е еден огромен предизвик за да се овозможи непречено функционирање на судовите  Ако на јавноста не е доволно моето 34 години стаж во судството, од волонтер до судија во Апелациониот суд нема друго што да зборам“, вели Данка Ристова.

Покрај Ристова заклетва дадоа и Аритон Ала за член на Судскиот совет, како и Ардијан Демири за член на Советот на јавни обвинители.