Собранието даде зелено светло измените на Изборниот законик да се разгледуваат по скратена постапка. Предлогот беше усвоен со 59 гласа „за“, три „против“ и без воздржани пратеници.
По донесената одлука, потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, ги задолжи матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија да го разгледаат предлог-законот.
Предлагачи на измените се група пратеници – Антонио Милошоски, Зеќирија Таири, Даниел Стојчевски, Блерим Беџети и Иванка Василевска.
Милошоски образложи дека измените биле предмет на повеќемесечни разговори во рамки на работната група при Министерството за правда, каде што учествувале претставници од повеќе политички партии.
Според него, бил постигнат консензус за околу 28 препораки на ОДИХР, а дискусиите се воделе без надгласување.
„За ниедна тема немаше надгласување и секогаш усвојувањето на нормите одеше со консензус“, изјави Милошоски.
Во однос на изборниот модел, тој посочи дека дел од партиите се залагале за една изборна единица, додека други предлагале промени во бројот на изборни единици. Бидејќи не бил постигнат договор, останува актуелниот модел со шест изборни единици.
Една од новините што се предлага е воведување можност за електронско гласање на дијаспората, по примерот на некои европски земји.
Сепак, измените на Изборниот законик предизвикаа реакции кај опозицијата. Од СДСМ и Левица најавија дека ќе се спротивстават на донесувањето на законот.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека предложените решенија отвораат простор за злоупотреби и контрола на изборниот процес.
Од Левица, пак, порачаа дека работната група не постигнала консензус и дека нивното учество во процесот не значи поддршка за предложените измени.
