Измерени ниски температури – 1 степен во Тетово, 2 во Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денес измерените максимални температури низ државата беа ниски и се движеа од 1 до 8 степени. Најниска температура од 1 степен е регистрирана во Тетово и Пожаране. На 2 степени беа Скопје-Зајчев Рид, Ѓуриште, Маврови Анови, Попова Шапка и Крушево, додека 3 степени се измерени во Скопје-Петровец и Струмица. Во Штип максималната температура достигна до 4 степени, а во Крива Паланка, Виница, Претор и Велес беа измерени 5 степени. Температури од 6 степени се забележани во Кавадарци, Гевгелија, Берово, Охрид и Тополчани, 7 степени во Битола, а највисоката дневна температура од 8 степени беше измерена во Демир Капија и Прилеп.

Наврнат воден талог во изминатите девет часа до 16 часот имаше во повеќе места. Најмногу дожд и снег се регистрираа во Маврови Анови – 13 литри на метар квадратен, а по 12 литри се измерени во Охрид, Претор и Крушево. Во Пожаране и Тетово наврнаа 11, односно 10 литри, во Битола 7, а во Попова Шапка 6 литри. Најмалку талог од 1 литар имаше во Штип и Демир Капија.

Снежната покривка до 16 часот достигна 43 сантиметри на Попова Шапка, додека во Тетово беа измерени 2 сантиметри снег.

Времето денес беше променливо облачно, претпладне со врнежи од дожд и снег во пониските места и снег на планините. Дуваше слаб до умерен, а во повисоките предели засилен ветер од јужен и југозападен правец. Попладне во Крушево имаше слаби врнежи од дожд и снег, а на Попова Шапка продолжи да врне снег.

До крајот на денот се очекува спуштање на постудена воздушна маса од север, при што врнежите постепенно ќе се претворат во снег на целата територија. Пообилни снежни врнежи ќе има на запад, каде што на планините снежната покривка може да се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекуваат од 5 до 10 сантиметри нов снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер.

Утре времето ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег претпладне. Во текот на денот врнежите ќе престанат, а ќе дува умерен до засилен северен ветер, особено долж Повардарието. Минималната температура ќе се движи од -5 до 2 степени, а максималната од -1 до 5 степени.

Во Скопје утре се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег претпладне и слаб до умерен северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до -1, а дневната ќе достигне 3 степени.

Во наредните денови утринските часови ќе бидат студени, со појава на локални врнежи од снег утре претпладне и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, под влијание на висок воздушен притисок, ќе следува стабилен и сув период, со ниски утрински температури кои локално може да паднат под -10 степени.