Во ерата на технологијата, училиштата се соочуваат со нови предизвици. Наместо книги и тетратки, учениците сè почесто користат технологија и дигитализирана настава. Но, какви последици има ова врз нивниот развој?
Дефектологот Ајла Биљали предупредува дека прекумерната употреба на технологија може да предизвика симптоми слични на аутизам, бидејќи учениците се изолираат и избегнуваат комуникација, што во одредени случаи може да доведе и до психолошки проблеми.
„Учениците се со нормален развој, немаат пречки за кои можеме да кажеме дека се нефункционални, но со голема адаптација на вештачката интелигенција, во овој случај технологијата, најпрво започнува екранизацијата. Влегуваат во виртуелниот свет и мислат дека сè што се прикажува на социјалните мрежи е исто и во секојдневниот живот. Тука започнува екранизацијата. Екранизацијата е синдром, може да се каже, иако сè уште не е официјално синдром, сепак има сличности со аутизмот.“, порача Ајла Биљали.
Учениците веќе интензивно користат вештачка интелигенција, но според Биљали, наставниот кадар сè уште не е подготвен за нејзино користење. Таа додава дека Вештачката интелегенција бара дополнителна обука, понов пристап и едукација на самите наставници, како во основните така и во средните училишта.
„Преку вештачката интелигенција или технологијата, не сме доволно развиени на потребното ниво. Со тие ученици се работи, но на класичен, методски начин. Додека вештачката интелигенција бара повеќе пристапи, повеќе обуки за наставниот кадар. Сите наставници, без разлика дали работат во основно или средно училиште, најпрво треба да бидат едуцирани, бидејќи ова е нешто ново.“, вели Ајла Биљали.
Биљали додава дека влијанието на вештачката интелигенција веќе се забележува и во ученичките проекти, бидејќи многу од нив се изработуваат без лично размислување. Според неа, тоа во иднина може негативно да влијае и врз правописот.
