Изолираните се жалат на условите во хотелите: „Не сме животни, ќе се заразиме тука“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По тројца во соба, храна која ниту кучињата не ја јадат, чаршафи извалкани со крв! Вака Бесир Рахмани ја опишува состојбата во карантитот во кој се наоѓа. Тој заедно со 40 други е изолиран во хотелот „Алпина“ во Маврово. Во Скопје допатувале од Базел, а на скопскиот аеродром пристигнале во 3 часот наутро.

-Денеска ни донесоа храна, компири и вода. Ова ниту кучињата не го јадат – рече Рахмани.

Тој стравува дека ќе се зарази во хотелот, бидејќи како што раскажува, нема топла вода за да се искапат.

-Ништо не е како што треба. Нема ниту вода за капење. Хотелот е катастрофа, чаршафите се извалкани со крв. Не дојдовме тука за масакр. Тука ниту животно не спие, а не пак човек. Половина леб, тројца го делат-изјави Рахмани.

Уште еден граѓанин кој е во карантин во хотел во Струмица испрати видео на кое се гледа дека водата е бела. Оние пак, кои се во карантин во хотели на Попова Шапка, се жалат на високи цени во маркетите.

За лошите услови во хотелите, премиерот Оливер Спасовски рече дека заштитата на семејствата е поважна од тоа во какви соби се сместени и и од условите на државниот карантин.

-Треба да бидат со истото разбирање денеска кога се наоѓаат во државен карантин, како што беа, во моментите кога сакаа или бараа од владата да се вратат назад во нашата земја. Ние правиме се, и ќе направиме се за сите наши граѓани. Меѓутоа, најмалку што треба да направат тие да бидат коректни и да бидат на нивото на одговорноста во оваа ситуација-рече Спасовски.

Инаку, во текот на денешниот ден седуммина македонски граѓани, преку европскиот механизам за цивилна заштита, од Перу се префрлени на европско тло, поточно во Лисабон, од каде ќе продолжат кон Македонија.

Како што информираше министерот за надворешни работи Никола Димитров, досега се вратени над 2000 македонски граѓани кои од избувнувањето на коронакризата се најдоа во некоја странска држава.