Израел и Хезболах се согласија за прекин на огнот што треба да стапи на сила во 16 часот по локално време, изјави американски функционер за Ројтерс.
„Хезболах и Израел се согласија на прекин на огнот“, рече официјалното лице, додавајќи дека преговарачите на САД и Катар постигнале договор со помош на Иран.
Во израелските напади во текот на ноќта во јужен и источен Либан загинаа 21 лице, а 39 беа ранети, соопшти Бејрут, додека Израел пријави загуба на четворица војници и се закани дека Хезболах ќе плати „многу висока“ цена.
Ова се најголемите и најсмртоносните напади од понеделникот, кога беше објавен меморандум за разбирање меѓу Иран и САД, со кој се повикува на прекин на непријателствата, вклучително и во Либан, каде што се борат Израел и шиитското движење, сојузник на Техеран.
Либанскиот претседател Жозеф Аун ја осуди „опасната ескалација“ што „ги поткопува сите тековни напори за консолидирање на прекинот на огнот и завршување на војната“ во неговата земја.
Иран претходно ги осуди израелските напади врз Либан и предупреди за последиците врз регионалниот мир и безбедност, велејќи дека САД носат директна одговорност за оваа ситуација.
Повикувајќи се на меморандум за разбирање меѓу САД и Иран потпишан оваа недела, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека прекинот на војната во Либан е составен дел од договорот за прекин на непријателствата на сите фронтови, додавајќи дека Иран ќе преземе сите потребни мерки за заштита на своите интереси, безбедност и сојузници.
