Израел во неделата соопшти дека одобрил мултимилијардерски договор за купување две групи борбени авиони од САД.
Оваа набавка опфаќа една група повеќенаменски авиони F-35 од компанијата Lockheed Martin и друга група борбени авиони F-15IA од Boing, соопшти израелското Министерство за одбрана.
Овој план има цел „да ја обезбеди воздушната надмоќ на Израел во следните децении“, изјави министерот за одбрана Израел Кац во соопштение.
„Набавките на F-35 и F-15IA се централни за планот ‘Штитот на Израел’, кој е осмислен за да им даде на Израелските одбранбени сили квалитативна и долгорочна надмоќ. Нашата мисија е јасна: да обезбедиме армијата да ги има средствата, капацитетите и силата да дејствува насекаде, во секое време“, додаде Кац.
F-35, заеднички проект меѓу САД и неколку сојузници, е еден од најнапредните воени авиони во светот. Израел веќе поседува неколку десетици вакви авиони.
Израелските воздухопловни сили одиграа клучна улога во војната во Газа, спроведувајќи една од најинтензивните кампањи на воздушни бомбардирања во модерната историја.
Илјадници напади биле насочени кон, како што тврди Израел, цели на Хамас – палестинска група која САД и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација – вклучувајќи тунели, командни центри и локации за лансирање ракети, но биле уништени и големи делови од територијата, меѓу кои домови, болници и училишта.
Израел, исто така, со своите воздухопловни сили водеше две војни против Иран во период од помалку од една година, при што беа користени далекусежни напади длабоко во иранската територија.
Израелските власти ги опишаа овие напади како прецизни операции насочени кон слабеење на стратешките капацитети на Иран, додека иранските власти пријавија воздушни удари врз клучни градови и индустриски зони.
Израел неодамна го усвои буџетот за 2026 година, кој вклучува милијарди долари зголемени трошоци за одбрана.
Воените трошоци на Израел постојано растат од почетокот на војната во Газа, која беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Покрај последната неколкунеделна војна со Иран, спроведена заедно со САД, Израел продолжува да се соочува и со исламското движење Хезболах, поддржано од Иран, во јужен Либан.
