Израелската амбасадорка ги поздрави брзите реакции на македонските власти – Муцунски со осуда за опожарување на зградата на Еврејската заедница!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Израелската амбасадорка во земјава, Вивиан Аисен, ги поздрави брзите реакции на македонските власти по обидот за опожарување на зградата на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.

Таа на социјалната мрежа Х ја сподели објавата на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, заблагодарувајќи се за, како што наведе, „решителните акции за истрага и повикување на одговорност“. Според Аисен, ваквите чекори се клучни за спречување на идни инциденти и борба против антисемитизмот.

Муцунски претходно остро го осуди инцидентот, оценувајќи го како „крајно неприфатлив“, особено затоа што се случил за време на Велигден. Тој нагласи дека во земјата нема место за вакви дела и дека истрагата е во тек, при што одговорните ќе сносат последици.

Од Еврејската заедница во Македонија информираа дека се работи за обид за палење на нивниот објект и синагогата, додавајќи дека го осудуваат настанот и бараат целосно расчистување на случајот. Воедно, упатија апел за заедничка и гласна осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.