Во израелските воени напади во вторникот загинаа најмалку 14 Палестинци низ Појасот Газа, главно во северниот пограничен град Беит Лахија, соопштија медицински извори. Во исто време, израелската армија издаде нови наредби за евакуација на југот на енклавата.
Медицинските тимови соопштија дека осум лица биле убиени во серија напади во Беит Лахија, додека други четворица биле убиени во други делови на Газа. Подоцна истиот ден, во израелски воздушен напад загинаа две лица, а неколку беа ранети во Џабалија, најголемиот историски бегалски камп во северниот дел на Газа, додаваат истите извори.
Израелската армија веќе неколку недели дејствува во Џабалија и во градовите Беит Лахија и Беит Ханун. Според армијата, во текот на оваа операција во овие области биле убиени стотици милитанти.
Истовремено, Хамас и вооруженото крило на Исламскиот џихад тврдат дека нивните борци извршиле неколку заседи во истиот период во кој убиле израелски војници.
Палестинците ја обвинуваат израелската армија дека се обидува насилно да го раселува населението во северна Газа преку бомбардирања и евакуации за да создаде тампон зона. Израелската војска го негира ова, тврдејќи дека се вратила во овие области за да ги спречи борците на Хамас да се прегрупираат во претходно исчистените региони.
Палестинската цивилна служба за итни случаи соопшти дека нејзините операции во Џабалија, Беит Лахија и Беит Ханун биле прекинати речиси четири недели поради израелските напади врз нивните тимови и недостигот на гориво. Во вторникот службата соопшти дека 13 од вкупно 27 возила во централниот и јужниот дел на Газа се надвор од употреба поради недостиг на гориво. Тие додаваат дека од почетокот на војната загинале 88 припадници на Цивилната служба за итни случаи, 304 биле ранети, додека 21 лице биле уапсени од израелските сили.
Во вторникот, израелската армија издаде наредба за евакуација на жителите на северните делови на Кан Јунис, град во јужниот дел на Појасот Газа, наведувајќи ги како причина ракетните напади од милитантите од областа. Наредбите предизвикаа итно заминување на бројни семејства во западните делови на регионот.
„За ваша безбедност, веднаш евакуирајте ја областа и преместете се во хуманитарна зона“, се вели во соопштението на војската објавено на платформата X.
Палестински и претставници на Обединетите нации тврдат дека нема безбедни области во енклавата. Повеќето од 2,3 милиони жители на Газа се внатрешно раселени, некои дури 10 пати, од почетокот на војната минатата година.
Израел ја започна својата воена кампања во густо населената палестинска енклава откако борците предводени од Хамас ги нападнаа израелските заедници на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници, пренесува Ројтерс.
Во израелската воена кампања досега загинаа повеќе од 44.400 Палестинци, многу други беа ранети и голем дел од енклавата стана урнатини.
