Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека во моментов се работи по пријави за фалсификат дипломи, и дека законот засега дозволува само казни, но и дека наскоро ќе стапи во сила новиот Закон за високо образование, со што ќе има други процедури за овие фалсификат дипломи. Како што вели таа, случаи со фалсификат дипломи имало во минатото, но и сега.
„Сите пријави кои нѝ се доставени се процедурирани. За жал Законот некаде не е дециден и не вели што треба да се постапи откако ќе се завршат процедурите. На голем број на процедури сме ги решиле со казна за субјектите кои направиле прекршок. Во моментов тече еден процес и таму нема да можеме да го решиме проблемот само со Државен просветен инспекторат, ќе мора тука да се вмеша и Агенцијата за квалитет на високото образование, за да можеме да го заоукружиме и тој процес каде што постои сомнение дека можеби се издавани такви дипломи“, порача Весна Јаневска.
Министерката пред извесно време најави и т.н „Ѕид на срамот“. Тоа е практично платформа на која ќе се објавуваат трудови, магистарски, докторати, но и нивните рецензии, кои потоа ќе бидат споредувани. На овој начин ќе се увиди дали тие се плагијат или не. Јаневска вели дека е недозволиво да има исти или во 90 проценти слични трудови.
„Некогаш кога се разработуваат теориите, тоа е дозволено и во списанијата со висок импакт фактор, вели 20 проценти во твојот труд може да има поклопување со други трудоиви, затоа што работите иста тероија, иста област, сте почнале некој експеримент, па го докажувате, проверувате и тн. Но, не може нешто да биде исто во 70 или 80 проценти или еден збор сменет во насловот, па да речеме ова е друга тема“, вели Јаневска.
Инаку, министерката во гостувањето во Клик Плус, воедно потенцираше дека реформи во образованието мора да има, бидејќи токму состојбата во образованието во голема мера е виновник за состојбите во државата.
