Мицкоски: Ќе ја следиме цената на секој производ, ако треба ќе проверуваме и фактури

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата започнува сеопфатна анализа на цените на стотици производи што ја сочинуваат статистичката потрошувачка кошница, со цел да се утврди каде настануваат најголемите поскапувања и да се преземат мерки за нивно намалување, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој истакна дека процесот лично го координира и дека фокусот е ставен на околу 600 до 700 производи кои имаат најголемо влијание врз трошоците на граѓаните.

„Лично јас се занимавам со идентификување на тие 600 производи што влегуваат во статистиката и тоа за мене е врвен приоритет“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, анализата нема да се задржи само на крајните цени во маркетите, туку ќе го опфати целиот синџир на снабдување – од производителите и добавувачите до трговците.

„Ако треба, фактура по фактура ќе ги анализираме“, порача Мицкоски, додавајќи дека ефектите од овој пристап треба наскоро да бидат видливи.

Тој посочи дека според податоците на Евростат, ценовното ниво на основната потрошувачка кошница во Македонија изнесува околу 49,7 проценти од просекот на Европската Унија, но оцени дека има простор за дополнително намалување и стабилизирање на цените.

Во оваа фаза не беа соопштени конкретни мерки, ниту кои производи би биле опфатени со евентуални интервенции. Не е прецизиран ниту рокот кога граѓаните би можеле да почувствуваат пониски цени.

Инаку, Владата веќе одржа средба со претставници на најголемите трговски синџири, на која беше поставена цел годишниот раст на цените на основните прехранбени производи во јули да остане под три проценти. Во наредниот период се најавени разговори и со производителите, дистрибутерите и добавувачите, додека Државниот пазарен инспекторат ќе врши споредба на набавните и продажните цени на истите производи во мај 2025 и мај 2026 година.