Нов документ на американскиот Стејт департмент го претставува Западен Балкан како регион од директно значење за безбедноста и економските интереси на САД.
Во документот се наведува дека стабилноста на регионот и унапредувањето на американските економски интереси таму ги прават САД „побезбедни, посилни и попросперитетни“.
Документот неодамна е објавен на официјалната страница на американскиот Стејт департмент под наслов „Политика на Соединетите Американски Држави за промовирање стабилност и просперитет во Западен Балкан“. Тој е поврзан со барање на американскиот Конгрес од јануари оваа година, според кое државниот секретар требало да достави извештај до надлежните комисии за американската политика за поттикнување стабилност и просперитет во регионот.
Во извештајот се наведува дека стабилноста што американските напори помогнале да се создаде во Западен Балкан отворила пат за „поинаков вид ангажман“ на САД во регионот.
Според документот, „епохата на градење држави под американско водство е завршена“, а американската политика во Западен Балкан „не се однесува на спасување или обнова, туку на стабилност и партнерства со взаемна корист“.
Во извештајот се посочува дека „нерешените спорови и преостанатите поделби го поткопуваат регионалниот мир и стабилност“. Администрацијата, понатаму, е фокусирана на „зајакнување на локалните актери за самите да ги решаваат своите предизвици“, наместо на „прекумерна зависност од меѓународна интервенција или надзор“.
Главните приоритети вклучуваат зачувување на регионалната стабилност, спротивставување на малигното влијание на Русија и Кина, проширување на економската и трговската соработка, инвестиции во енергетика и инфраструктура, борба против организираниот криминал и зајакнување на безбедносната соработка.
Што се наведува за Косово?
За Косово, документот нагласува дека САД продолжуваат да ги охрабруваат Косово и Србија да постигнат напредок кон нормализација на односите, со цел постигнување одржлив, преговаран и за двете страни прифатлив договор.
Косово и Србија во 2023 година постигнаа договор за патот кон нормализација на односите во дијалогот посредуван од Европската Унија, кој е поддржан од САД.
Сепак, ниту една од страните досега не презела чекори за негово спроведување.
Во делот за безбедноста, Вашингтон наведува дека „американските трупи продолжуваат да учествуваат во КФОР“, кој го оценува како клучна компонента за гарантирање безбедна средина и слобода на движење во Косово.
Документот, исто така, ја нагласува поддршката за трансформација на Косовските безбедносни сили во професионална сила за територијална одбрана, а ги споменува и модернизацијата на термоелектраните на јаглен и проектите за гасификација на јагленот во Косово како дел од енергетските приоритети во регионот.
Што уште содржи извештајот?
Во однос на заканите кон САД и Западен Балкан, документот ги издвојува Русија и Кина како актери кои „активно се обидуваат да ја искористат нестабилноста, корупцијата и слабото управување“ во регионот.
Според извештајот, Москва „поттикнува етничко незадоволство, финансира дестабилизирачки актери и ги користи енергетските ресурси за вршење притисок врз политичарите“, додека Кина користи трговија, државни кредити, поткуп, пропаганда и врски со елитите за да го прошири своето влијание.
Во извештајот се наведува и дека групите на организиран криминал од Западен Балкан претставуваат „директна закана за националната безбедност на САД и американската територија“, со посочување на нивните врски со наркокартели, трговија со дрога, нелегална миграција, перење пари и киберкриминал.
„Оваа администрација ќе ги демонтира и разбие овие мрежи каде и да дејствуваат, како што беше покажано во 2025 година со означувањето на неколку државјани од Западен Балкан поврзани со картели прогласени за странски терористички организации кои дејствуваат во Западната хемисфера“, се наведува во извештајот.
Во делот за економската и трговската соработка, Западен Балкан се претставува како регион со можности за американските комерцијални интереси, при што се споменуваат населението од 18 милиони жители, важните транспортни коридори, природните ресурси, растечкиот технолошки сектор и квалификуваната работна сила.
Извештајот оценува дека регионот се соочува со големи инфраструктурни недостатоци. Според документот, транспортните мрежи не ги достигнуваат европските стандарди, што ги зголемува трошоците за бизнисите и го попречува интегрирањето на пазарите.
Се споменуваат и слабостите во дигиталната инфраструктура, вклучително и нерамномерниот пристап до брз интернет и ограничените капацитети за кибербезбедност. Во енергетскиот сектор, извештајот наведува дека инфраструктурата е застарена, неефикасна и во некои случаи зависна од руски увоз.
„Стејт департментот активно ќе работи на претворање на регионалниот интерес во конкретни комерцијални договори“, се наведува во извештајот.
„Приоритетните проекти ги вклучуваат гасоводот Јужна интерконекција меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина; предложен гасен интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија; развој на хидроенергетски проекти во Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија; модернизација на термоелектраните на јаглен и проекти за гасификација на јагленот во Косово; како и дополнителни преносни кабли што ги поврзуваат мрежите на Западен Балкан со европските пазари.“
Во документот се наведува и дека САД ќе работат со владите во регионот за подобрување на деловната клима, намалување на регулаторните бариери, зајакнување на спроведувањето на договорите и обезбедување транспарентни постапки за јавни набавки „кои им одговараат на американските компании“.
