Во однос на владеењето на правото и фундаменталните вредности Македонија е подготвена за членство во Европската Унија исто како и лани. Сепак, ако во минатогодишниот Извештај на Комисијата на ова поле воопшто сме немале напредок, сега Европската Комисија регистрира „ограничен напредок“. Борбата против корупцијата останува статус-кво, но овојпат е нотирана подобра подготвеност кај борбата против организираниот криминал.
Извештајот за напредокот на земјава на државниот врв им го подели евроамбасадорот Михалис Рокас. По средбата со премиерот Христијан Мицкоски, двајцата истакнаа дека тој го опфаќа периодот од септември лани досега, односно период на три влади, вклучувајќи ја и техничката.
„Беше изготвен за период од три влади и има одреден, ограничен или некаков напредок во дел од областите, но важната работа е што немаше назадување и посветено ќе работиме рака под рака па за една година за истото ова да кажеме дека е направен поголем напредок“, вели Михалис Рокас.
Од друга страна, Мицкоски истакна дека нема отстапување од реформите за европска трансформација на општеството. Тој нагласи дека неоправдано сме во чекалната , но единствена одржлива и стратешка цел останува членството во Европската Унија.
„Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење. Не’ очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес“, порача Христијан Мицкоски.
Во Извештајот на Комисијата се повторува дека уставните измени се услов за отворање на првиот преговарачки кластер.