Владата останува стопроцентно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија што претставува важна придобивка за нашите меѓусебни односи и за нивото на нашата посветеност кон европските вредности. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски веднаш по примањето на Извештајот од Европската комисија од евроамбасадорот Михалис Рокас. Иако еврокомесарката Марта Кос пред два дена рече дека во Македонија нема прогрес, Мицкоски вели немаме назадување.
-Во Извештајот се нотира дека во некои области постои одреден или ограничен напредок. Конкретно нема области со назадување а во четири поглавја е забележан добар напредок. Во едно поглавје, Слободно движење на капиталот дури е зголемено нивото на подготовка благодарение на приклучувањето кон СЕПА и спроведувањето на мерките против перење пари и финансирање на тероризам. Комисијата ги поздравува чекорите направени во економијата, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Но, евроамбасадорот Михалис Рокас иако рече дека е постигнат одреден напредок сепак се задржа на она за кое вели дека нема напредок и дека треба да се работи за да се подобрат оценките. Тој не испушти да ја спомене и обврска за уставните измени.
-Нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупција, ова останува од суштинско значење да се направи. Ова не се само одредници туку се темел за довербата на граѓаните и за европската иднина на државата. Битно е да се надминат политичките поделби, да се забрзаат реформите и да се заврши со именувањата и назначувањата. Постои сериозна можност да се започне дијалог да се продолжи со обврската во однос на уставните промени, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас.
По вчерашната прес конференција на претседателот на СДСМ Венко Филипче, од партијата и денеска со критики велат дека ова е најлошиот извештај во кој има драстично назадување во владеењето на правото, дека судството е под притисоци, борбата против корупцијата не функционира, а во економијата и земјоделството има стагнација.
