Извештајот на ЕК во Собранието – пораките за надминувње на поларизацијата не допира до пратениците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Извештајот за напредокот на Македонија на патот кон Европската унија кој се разгледуваше во Националниот совет за евроинтеграции повторно ги подели власта и опозицијата иако главна забелешка во неа е токму поларизацијата во Собранието. Амбасадорот Дејвид Гир повторно им порача на партиите да го сменат однесувањето во парламентот.

„Многу внимание е посветено на овие опсервации со оглед на важната улога што парламентот ќе ја игра во процесот на пристапување. Но ова е дел на поголема појава на политичка поларизација на пошироко ниво што бара колективни напори од сите политички чинители за да се поправи“, рече евроамбасадорот, Дејвид Гир.

Но власта и опозицијата никако да најдат начин да ги надминат досегашниот начин на однесување со поларизација и блокади на Собранието. Не пропуштија и денеска со меѓусебни обвинувања.

„Ваквото однесување во Собранието и ваквото повикување кон опозицијата, ајде од денес да работиме заедно е хипокризија бидејќи до вчера никој не работел заедно. Сега овие пароли денес се заради присуството на повеќе дипломати а од утре ќе продолжи истата навика на селективно толкување на Деловникот на Собранието. Кон Деловникот се однесуваат како кон производ во самопослуга“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

„Критичкиот осврт, критичкото мислење на опозицијата е исклучително важна и тоа се очекува. Но, секако не блокади, не филибастерингот кој што се користи, односно можам слободно да кажам се злоупотребува, бидејќи тоа не е начин како да стигнеме до подобри закони, уште помалку како да ја зајакнеме нашата улога како надзорен орган“, истакна пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска Ванчева.

Европската комисија во последниот извештај нотирала добро ниво на подготвеност на земјава, но и дека се потребни забрзани реформи и дека за тоа треба да се искористи скрининг процесот. Македонија е оценета како умерено подготвена кога станува збор за јавната администрација, судството, борбата против корупцијата, но едно од најголемите забелешки се однесува на работата на Собранието.