Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија: Препораката за отворање на преговори останува валидна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска, Комисијата ги претстави ажурираните Извештаи за напредокот постигнат од Албанија и Северна Македонија за натамошното спроведување на реформи од областа на владеење на правото, особено во областите утврдени од Советот во јуни 2018 година. Двете земји испорачаа дополнителни опипливи и одржливи резултати и поради тоа Препораката на Комисијата за отворање на преговори со Албанија и Северна Македонија останува валидна.

При претставување на извештаите, комесарот за проширување и соседна политика Оливер Вархеи рече:

„По усвојувањето на ревидираната методологија за пристапниот процес во февруари, денеска ги претставуваме ажурираните извештаи за Албанија и Северна Македонија. Тие покажуваат  дека земјите ја засилија работата и испорачаа дополнителни опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани во Заклучоците на Советот во јуни 2018 година. Комисијата стои цврсто на своите препораки за отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија и се надевам дека земјите-членки ќе донесат позитивна одлука во следните недели“, рече Вархеи.

Западен Балкан е приоритет за Комисијата, која ќе работи на тристран пристап во 2020 година. На 5 февруари, Комисијата утврди предлог за придвижување на пристапниот процес на ЕУ со кој тој станува поверодостоен, подинамичен и попредвидлив и му се дава посилно политичко управување. Паралелно, Комисијата останува цврсто на своите препораки за отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија, бидејќи и двете продолжуваат да испорачуваат резултати од реформите. Трето, во подготовките на самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб, на 6 и 7 мај, Комисијата ќе излезе со план за економски развој и инвестиции за регионот.

Во денешните извештаи, Комисијата, објективно и врз основа на факти, го опишува напредокот постигнат од двете земји почнувајќи од јуни 2018 до денес во областите наведени од Советот.

Во случајот на Северна Македонија, извештајот ги покрива значајните чекори преземени за зајакнување на независноста на судството, вклучувајќи го и неодамнешното усвојување на ревидираниот Закон за јавно обвинителство. Извештајот покажува подобрување во борбата против корупција и организиран криминал како и напредок во реформите на безбедносните служби и јавната администрација.

Во април 2018 година, Европската Комисија препорача отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија. Во јуни 2018 година, Советот го призна напредокот и го отвори патот за започнување пристапни преговори во зависност од остварувањето напредок  во одредени клучни области.

По натамошните позитивни препораки од страна на Комисијата во мај 2019 година, Советот ја одложи својата одлука за во јуни а потоа и за во октомври 2019 година кога одлучи да му се наврати на прашањето за проширување пред Самитот во Загреб во мај 2020 година.

Советот за општи работи во март 2020 година се очекува да дискутира за иднината на политиката на проширување, заснован на ревидираната методологија, како и да дискутира за напредокот направен од Северна Македонија и Албанија, со цел да отвори пристапни преговори.

По неколку месеци, Европската Комисија ќе излезе со подетална проценка на општите состојби кај сите партнери за проширување во својот пакет на годишни извештаи.