Македонија се вбројува меѓу првите десет земји во Европа според процентот на граѓани кои поседуваат сопствена недвижност, оценија Ивица Јаќимовски од Градежната комора при Сојузот на стопански комори и Слободан Митровски од агенцијата за недвижности „Асторија“, во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21.
Според Јаќимовски, домашниот пазар на недвижности никогаш не се соочил со состојба на презаситеност, односно понудата да ја надминува реалната побарувачка. Напротив, моделот во земјава е ориентиран кон сопственост – целта на граѓаните е да имаат свој дом, што е спротивно од трендот во голем дел од земјите на Европската Унија, каде високите цени ги принудуваат луѓето да живеат под кирија.
Тој посочи дека во Македонија околу 95 проценти од граѓаните поседуваат сопствена недвижност, додека годишно активна купопродажба се одвива кај околу 2 до 3 проценти од имотите. Според него, растот на цените директно влијае врз зголемување на вредноста на имотот што веќе го поседуваат граѓаните.
Митровски, пак, предупреди дека цените дополнително ќе растат, особено по информациите што изминатиот период излегоа во јавноста и влијаат врз очекувањата на пазарот. Тој оцени дека цените веќе се релативно високи, а старите станови почнале да ја следат цената на новоградбата, што според него е оправдано само во централното градско подрачје.
„Ќе станува сè потешко да се дојде до стан, особено за 90 проценти од граѓаните. Со најниска плата тоа е невозможно, но и со релативно високи примања купувањето стан станува сериозен предизвик“, истакна Митровски.
Соговорниците заклучија дека, и покрај растот на цените, високото ниво на сопственост останува една од специфичностите на македонскиот пазар на недвижности во споредба со европските земји.
