Доколку сум јас дел од идното раководство на ВМРО-ДПМНЕ јас не би влегол во белата палата, изјави градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус.
Тој обелодени и детали дека претходно преговарал за продажба на зградата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ со генералниот директор на Комерцијална банка Хари Костов. Алудирајќи на постовите на Христијан Мицкоски, тој рече дека не може некој да постира уништени објекти од институции, а од друга страна секој ден да влегува во таква палата.
„Ако Митко Јанчев биде дел од идното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и ако има идно раководство на ВМРО-ДПМНЕ заедно со идното раководство нема да влезе во белата палата. Пред палатата ќе си дадеме заклетва, ќе си дадеме легитимитет и ќе си бараме просторија каде треба да функционираме. На Извршен комитет имав добиено легитимитет да разговарам околу интересот и заинтересираноста на бизнис секторот за купување на штабот или белата палата како што ја викате“, истакна Митко Јанчев.
Не сакам да ја коментирам изјавата на Јанчев, но она што можам да го кажам е дека седиштето на ВМРО-ДПМНЕ како и целиот имот е замрзнат и тој не може да се продава. Ова го изјави претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски , кој не ја отфрла идејата за продажба на зградата на партијата, но како што рече тоа за сега е невозможно.
„ВМРО-ДПМНЕ веќе трета година има замрзнат имот, така што и да сакаме ние да го продадеме штабот кој што го споменува господинот Јанчев не можеме бидејќи судот ни го има замрзнато тој имот. И да сака господинот Јанчев еве теоретски да претпоставиме дека еден ден можеби би имал можност да го распродава сето тоа кое што членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ го граделе ќе мора најпрвин да завршат претпоставувам овие судски процеси“, посочи Мицкоски.
Имотот на ВМРО-ДПМНЕ што го имаат низ цела земја е замрзнат со случајот со Талир 1 на СЈО, а дополнително со Талир 2 е замрзнат и централниот штаб на опозициската партија. Со овој случај до неодамна беа замрзнати и партиските сметки на ВМРО-ДПМНЕ.
