Не може да се исполни барањето на родителите на децата со атипичен развој за трајно вработување на образовните асистенти. Ова го вели министерката за образование Весна Јаневска, во интервју за Радио слободна европа. Причината е што потребите за образовни асистенти секоја година се менуваат. Ако се зголемат потребите, тие го зголемуваат бројот на асистенти.
„Образовните асистенти не се трајно вработени. Причината е што потребите за образовни асистенти секоја година се менуваат. Ако се зголемат потребите, ние го зголемуваме бројот на асистенти. Но факт е дека, комисијата за функционална проценка оценува кое дете има потреба. А кога детето ќе постигне напредок, комисијата ќе оцени дека веќе нема потреба од асистент, што и е основната цел, на образованието но и во животот за детето кое има посебни образовни потреби да биде самостојно“, порача Весна Јаневска.

Дел од родителите јавно посочуваа дека со честите промени на образовните асистенти се создава ризик за регрес во образовниот процес на нивните деца.
Но, Јаневска вели дека понекогаш родителите ги мешаат образовните асистенти со личните асистенти, додавајќи дека личен асистент е сосема поинаква функција.
Министерката додава дека минатата власт завршила со 300 асистенти помалку од оваа година. Тогаш биле ангажирани околу 1000 асистенти, а сега се ангажирани 1876 за основно образование.
„Не е можно трајно вработување на образовните асистенти, затоа што бројката е променлива и потребите се променливи. И нема, како во минатото, да давам лажна надеж дека тоа утре ќе го решиме. Доколу во иднина се појави можност, да одреден број од нив бидат трајно вработени, јас со задоволство тоа ќе го прифатам. Но, променливи се бројките на ученици во различни училишта“, вели Весна Јаневска.
Што се однесува до слабите резултати на ПИСА тестирањата, но и случајот со гимнацијата „Ѓорѓи Димитров“, каде на тестовите паднале ученици кои по сите предмети имале петки, министерката вели дека е свесна за проблемот. Се преземаат одредени мерки, како што е доедукација на наставниците и зајакнување на нивниот интегритет. Јаневска воедно вели дека помала грешка гледа во наставниците, а поголема кај родителите кои правеле голем притисок врз просветните работници за подобри оценки на нивните деца.
