Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека јавноста наскоро ќе биде запознаена со нови, посериозни неправилности во образовниот систем, нагласувајќи дека институциите ќе постапуваат согласно закон.
Говорејќи за случајот на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, таа посочи дека Државниот просветен инспекторат утврдил незаконски уписи на студенти на втор и трет циклус студии во периодот од 2019 година наваму.
Станува збор за седум студенти запишани на магистерски и четворица на докторски студии, чии уписи се поништени, а студирањето им е прекинато. Досега никој од докторските студии не дипломирал, додека осум лица стекнале магистерски дипломи, за кои сè уште нема одлука дали ќе бидат признати.
„Постојат сериозни пропусти, а дали одговорноста е кај администрацијата, раководството или кај самите студенти, ќе утврдат надлежните органи“, изјави Јаневска, додавајќи дека извештајот од Инспекторатот бил добиен вчера и веќе се разгледува.
Таа нагласи дека институциите немаат избор освен да постапуваат по закон, иако, како што рече, има разбирање за револтот кај засегнатите студенти.
Дополнително, Јаневска ја критикуваше Агенцијата за квалитет во високото образование, посочувајќи дека во минатото не спроведувала евалуации, додека во последните месеци се интензивирани контролите кои откриваат бројни неправилности.
Ректорката на УКИМ Билјана Ангелова изјави дека Универзитетот ќе излезе со официјален став по завршување на целиот процес, нагласувајќи дека спорните случувања се однесуваат на периодот од 2019 до 2022 година, под поранешно раководство.
Таа додаде дека ќе се анализира статусот и на други студенти со тригодишни стручни студии кои продолжиле на академски програми, при што не ја исклучи можноста за нови акредитации или презапишување, но потенцираше дека законската регулатива мора да се почитува.
Во меѓувреме, Ангелова влегува во трката за втор мандат како ректор, на изборите закажани за 28 април, каде нејзин противкандидат е професорот Дарко Данев.
