Новата учебна 2026/2027 година започнува утре со обезбедени учебници за сите ученици, подобрени услови во дел од училиштата и продолжување на процесот на оптимизација на училишната мрежа. На прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека наставата за најголемиот дел од учениците ќе трае до 10 јуни, додека матурантите ќе завршат на 17 мај.
Според податоците на Министерството за образование и наука, новата учебна година ќе ја започнат околу 238 илјади ученици – 174 илјади основци и 64 илјади средношколци. За првпат во училишните клупи ќе седнат 14.952 првачиња.
Јаневска истакна дека и трета година по ред учебниците се набавени навреме и во количина според потребите на училиштата.
„Годинава набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција“, рече министерката.
Целосно нови учебници во полн тираж ќе добијат учениците од прво, второ и трето одделение, како и учениците од осмо одделение и втора година во гимназиското образование, каде што се применуваат нови наставни програми.
Во однос на организацијата на наставата, во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти во основното и средното образование ќе се реализира едносменска настава.
Од Министерството велат дека продолжува поддршката за општините за воведување едносменска настава, а паралелно се зголемуваат и училишните капацитети. Во моментов се прошируваат 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, Илинден, Гази Баба и Градско. Во следните неколку месеци е најавен почеток на уште 15 вакви проекти.
Завршени се и реконструктивни активности во околу 20 училишни објекти и спортски сали, додека се градат уште четири нови спортски сали. Преку владината програма за капитални проекти во општините, во тек е реализација на околу 50 инвестиции за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали и училишни базени.
Посебен акцент е ставен и на поддршката на учениците со посебни образовни потреби. За нив во основното образование се ангажирани 1.358 образовни асистенти, а во средното образование уште 166.
За учениците кои подолго време се на болничко или домашно лекување, достапна е можноста за онлајн вклучување во наставата, како и индивидуална работа со наставник.
Во текот на учебната година се очекува и ново зголемување на платите на наставниците и останатите вработени во училиштата. Во март 2027 година платите треба да пораснат за 7,5 до 10 проценти, зависно од стапката на инфлација. Според Јаневска, досега платите на наставниците се зголемиле за повеќе од 20 проценти.
Новата учебна година, сепак, започнува во услови на продолжување на негативниот демографски тренд. Поради недостиг на запишани ученици, од септември привремено ќе бидат затворени 26 подрачни училишта, додека во земјава има вкупно 148 празни училишни објекти, главно во руралните средини.
Поради намалениот број ученици се врши и оптимизација на паралелките. Годинава ќе има 433 паралелки помалку – 222 во основното и 211 во средното образование. Од МОН уверуваат дека со оваа реорганизација ниту еден редовно вработен наставник не е отпуштен.
Министерството најавува и продолжување на поддршката за талентираните ученици, преку целосно покривање на трошоците за патување и учество на меѓународни научни олимпијади. Во октомври ќе бидат објавени и конкурсите за ученички стипендии.
Дополнително, во септември семејствата ќе можат да набавуваат училишен прибор по најмалку 15 проценти пониски малопродажни цени, согласно одлуката на Владата.
