Јаневска очекува дел од колачот од европските пари: „МОН има проекти кои ќе нѝ донесат дополнителни средства“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европските пари што земјава треба да ги добие за исполнување на обврските од реформската агенда ќе одат во Буџетот, по што Министерството за финансии треба да ги распореди парите по ресори. Министерката за образование Весна Јаневска очекува дел од нив да добие и секторот образование, бидејќи токму исполнувањето на реформите од Министерството, добивме најмногу пари од Планот за раст во регионот. Јаневска нагласува дека потребни се средства за одредени проекти кои треба да донесат дополнителни европски пари.

„Средствата кои ќе ги додели Европската Унија за исполнување на чекорите од Реформската агенда дел од нив одат во буџетот на државата, а колку од тие средства ќе припаднат на МОН ќе одлучи министерката за финансии. Длабоко верувам дека ќе има разбирање затоа што ние имаме дополнителни чекори кои треба да ги исполниме и за кои ни требаат средства за во иднина повторно да можеме да добиеме средства од Европската Унија“, вели Јаневска.

Од СДСМ реагираат дека останати се уште 9 дена до исполнувањето на сите 10 точки од Реформската агенда, а дека власта не презема ништо за да ги реализира.

„9 дена до уште едно неисполнето ветување. 9 дена до нов доказ дека организирана криминална група ВМРО намерно ја блокира европската иднина на Македонија. Мицкоски вети дека до јуни ќе ја заврши Реформската агенда. Од 10 клучни точки, за две години реализирани се само две, делумно. Сега, за неколку дена требаше да се завршат осум. Тоа не е реформа. Тоа е лага. Мицкоски не ги исполнува реформите затоа што не сака да ги исполни“, велат од СДСМ.

Македонија доби 65,7 милиони евра од Европската комисија за спроведените реформи во земјава. Исплатата е дел од Планот за раст за Западен Балкан преку кои Европската унија обезбедува финансиска поддршка за земјите кандидати врз основа на спроведените реформи.