Јаневска во посета на Јапонија: Нови можности за продлабочување на соработката во образованието и науката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, престојува во посета на Јапонија, каде што оствари повеќе средби со високи претставници на образовни, научни и државни институции. Цел на посетата е унапредување на билатералната соработка и
отворање нови можности за партнерство во областа на образованието и науката.

На средбата со јапонскиот министер за образование, култура, спорт, наука и технологија, Јошихиро Секи, се разговараше за организацијата и функционирањето на образовните системи во двете земји, како и за механизмите и мерките за поттикнување
на научно-истражувачката дејност.

Министрите разменија идеи за можни заеднички иницијативи, при што посебен акцент беше ставен на можноста за обезбедување
јапонска поддршка за основање центри за извонредност во Македонија.

„Јапонија е долгогодишен стратешки партнер на нашата земја и ви благодарам за досегашната поддршка, како и за можностите што им ги овозможувате на македонските студенти преку системот на стипендирање да се образуваат на престижни јапонски универзитети. Од особено значење за нас е и поддршката што ја добиваме во процесот на техничка модернизација и опремување на училиштата. Верувам дека дел од идеите за кои денес разговаравме наскоро ќе прераснат во конкретни проекти и активности“, истакна Јаневска на средбата.

Унапредувањето на квалитетот на наставата и развојот на компетенциите кај учениците беа во фокусот на посетата на Националниот институт за образовни политики на Јапонија, каде што Јаневска оствари средба со генералната директорка Мизуе Шиоми. Министерката го посети и Универзитетот во Токио, каде што со претседателот на Универзитетот, проф. д-р Теруо Фуџи, разговараше за интензивирање на соработката со македонските универзитети.