Јаневска за врсничкото насилство во Ѓорче Петров: Училиштето постапило, клучна е улогата на родителите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека е запознаена со случајот на врсничко насилство во училиште во скопската општина Ѓорче Петров и информираше дека институциите веќе постапиле согласно процедурите.

Како што посочи, училиштето го пријавило случајот во полиција и во социјалните служби, а паралелно презело и сопствени мерки за справување со ситуацијата.

Јаневска изрази жалење што се случуваат вакви инциденти и нагласи дека Министерството континуирано работи на превенција преку изработка на упатства и прирачници, во соработка со релевантни институции и организации.

„Сите институции може да постапуваат правилно, но без вклученост на родителите нема целосен успех. Нивната улога е клучна“, истакна министерката, апелирајќи до родителите да посветуваат повеќе внимание и време на своите деца.

Таа додаде дека е во тек иницијатива за проект поврзан со семејното насилство, бидејќи, како што рече, честопати агресивното однесување кај децата е одраз на состојбите во семејството.