„Да ги слушавме овие луѓе, немаше да имаме ниту средни училишта, ниту универзитети“, изјави Хасан Јашари, еден од иницијаторите на Албанската академија, коментирајќи ги критиките кои се против нивната иницијатива.
„Да ги слушавме тие луѓе, немаше да имаме ниту средно образование, ниту универзитети, ништо. Сите работи овде се прават врз основа на Уставот и добрата волја и затоа треба да се види дека законот за јавни институции е многу широк и не е направен за албанската академија туку е направен за јавните институции на кои им е дозволено и општините како и секој, и лица од странство да формираат јавни институции“, вели Јашари.
Иницијативата за формирање на Албанската академија наиде на многу реакции, а повеќето од нив се за финансирањето кое го најавија четири општини. Министерот за локална самоуправа Златко Перински вчера изјави дека општините не можат да финансираат вакви иницијативи.
Претставници од ВРЕДИ велат дека оваа иницијатива може да се стопира само доколку МАНУ ги отвори вратите и за академиците Албанци. И Јашари го тврди истото, но рече дека условот е да се прифатат сите академици кои се дел од оваа иницијатива.
„Доколку нѐ прифатат како тело, како што сме, ќе одиме, доколку еден од нас не прифатат, не одиме. Спремни сме бидејќи и МАНУ е јавна институција, се финансира од нас, за да ги искористиме тие добри придобивки, но како тело како што сме сега ќе бидиме 14 члена“, рече Јашари.
Освен ВМРО-ДПМНЕ и другиот владин партнер, Движењето ЗНАМ, е против формирањето на Албанска академија. Критики упати и албанската опозиција, Европскиот фронт, велејќи дека „наместо да го земаат раководството на МАНУ, ВРЕДИ создава маалска академија“.